
Граѓанската организација „Една може“ и самохраните родители го кренаа гласот во обид да се прекине молкот од страна на државните институции кога станува збор за проблемите и потребите на самохраните родители.

Фото: FB One can
Со протестен марш од Жена парк до Министерството за труд и социјална политика, тие побараа праведни институции, дефинирање на статусот самохраност, финансиска поддршка како и бесплатна партиципација во високото образование за децата на самохраните родители. Тоа се се само дел од барањата искажани на протестот под мотото „Темата за самохраните родители не смее да биде табу тема“.
„ Секојдневно сме сведоци на барем една тажна животна приказна, на барем еден апел за помош на една тешка судбина, и додека го читам ова сите имаме кнедла во грлото затоа што барем еднаш во животот секоја една од нас се има најдено во иста или слична ситуација, и сите добро знаеме како и е на таа мајка која очајно моли за помош“ беше порачано од пред МТСП.
– Решивме да го кренеме нашиот глас и јавно да ги побараме нашите права и барем на момент да им доловиме како е да се биде и мајка и татко во истовреме, верувајте не е ни најмалку лесно. Дали сте се запрашале воопшто како ние успеваме да одговориме на сите потреби на нашите деца, како успеваме со една минимална плата, а повеќето од нас и под закана од извршители да платиме сметки, да платиме кирија, да купиме храна, облека и се што е неопходно да не се почувствуават поразлични од другите дечиња. Затоа бараме од надлежните да обезбедат финаниска помош за секој самохран родител, бидејќи особено сега кога се соочуваме со големи покачувања на цените на производите со една плата не може да се прехрани едно семејство, а камоли да се преживее месецот“, изјави една од учесничките на маршот.

Фото: FB Дороти Пачкова
Дороти Пачкова од невладината организација „Една може“ го истакна проблемот со дефинирање на статусот самохраност.
„Нашата борба е речиси децениска после сите легални механизми кои ги употребивме, ова остана нешто кое не сме го направиле досега, излегуваме на улица во име на секоја самохрана мајка и еднородителско семејство и бараме поддршка од страна на државните инстутуции, игнорантноста мора да престане и бараме дефинирање на статусот самохраност, и третман врз основа на статус, а не врз основа на неможности“, рече Пачкова.
Меѓу другото, на протестниот марш беше потенцирана и потребата државата да обезбеди ослободување од партиципација во високото образование за децата од самохрани семејства, како и покачување на стипендиите за самохрани и еднородителски семејства. За полесна заштита на правата, беше речено дека треба да се дефинира кое е дете од самохрано, а кое од еднородителско семејство.