
Протест против игнорирањето на случаите на тродово базирано насилство ќе се одржи во петок, 17 февруари, пред Министерството за внатрешни работи.

Група загрижени граѓани и граѓанки, револтирани од повторното затајување на институциите, неспремноста и некомпетентноста на полицијата и немањето вистинска волја да ја завршат својата заштитничка и превентивна функција кога станува збор за на жртвите на родово базирано насилство, сексуален напад и вознемирување, најавија протест пред Министерството за внатрешни работи.
Протестот е закажан за вo петок, 17 февруари, во 15 часот пред Министерството за внатрешни работи.
„Случајот кој во медиумите стана познат како ‘дивиот таксист кој ѝ избега на полицијата’ по илјадити пат укажа на истите недостатоци на институционална поддршка на жртвите кои пријавуваат родово базирано насилство.
Во изминатиот период имаме пораст на случаи на родово-базирано насилство: таксисти кои напаѓаат девојки, партнери кои ги претепуваат и пукаат во своите девојки, сексуално уценување на 14-годишно девојче од страна на повеќе мажи, а листата секојдневно се надополнува.
Ова е резултат на повеќе аспекти од нашето општество длабоко вкоренети во системската неедаквост и нормализирањето на насилството како дел од културата“, велат организаторите на протестот.
Искоренување на насилството врз жените во политиката, на медиумите и на социјалните мрежи
Барањата кои ќе бидат истакнати на овој протест се:
-санкции за нестручните полициски службеници кои ги изложуваат жртвите на дополнително вознемирување.
– обучени полициски службеници кои ќе си ја вршат работата за која се платени.
– секоја пријава да биде третирана со максимална професионалност, но и да биде дочекана со емпатија, солидарност и поддршка.
– да бидеме безбедни во своите градови, улици и живеалишта.
Организаторите ги повикуваат сите граѓани кои сакаат да ја искажат својата поддршка кон жртвите на родово базираното насилство да им се придружат пред МВР во 15 часот.