
Катар `22 – врвна организација и уникатно искуство. Мундијалот виден низ призмата на Васе Крстев, Македонец кому ова му е второ Светско првенство.
Васе Крстев, радовишанец, кој инаку живее во Словенија, заедно со својата девојка Зорка, присуствуваа на нивното второ светско првенство, откако првпат биле присутни на последното во Русија, во 2018 година.
Нивната идеја за да присуствуваат на ова светско првенство се појавила токму пред четири години во периодот кога биле во Русија. Најголемата причина за неговото присуство тука како што вели тој е неговата огромна страст за фудбалот.
„Си зададовме цел да присуствуваме на што е можно повеќе светски првенства, по можност и на секое, бидејќи ова е најголемиот фудбалски настан кој се одржува на секои четири години. Морам да кажам дека претходното светско првенство во Русија беше само дел од остварувањето на детскиот сон да се гледа светско во живо, а другиот дел беше лично да заиграм за нашата репрезентација бидејќи уште од мал се занимавав со фудбал, но бидејќи животната патека ме однесе во друга насока, се надевам дека во иднина нашата репрезентација ќе се квалификува на светско и јас би бил присутен на таков историски настан бодрејќи ја нашата репрезентација“, објаснува Крстев.
Во однос на негови лични впечатоци, тој напомена дека организацијата била на највисоко ниво во секој можен дел.
„Јавниот транспорт беше бесплатен цело време и многу често достапен. Метро и трамвај имаше на секои две минути, автобуси на секои 10 минути. Стадионите, каде бевме присутни на шест од можни осум натпревари, и покрај сите контроверзии за нивната пополнетост вистински заслужуваат восхит. Морам да го издвојам Лусаил стадионот кој се наоѓа на околу 20 километри од градот Доха. Таму воедно ќе биде одиграно финалето, а имавме можност да присуствуваме на два натпревари, Португалија-Уругвај и Бразил-Камерун.
Организаторите неколку дена пред почетокот на првенството се одлучија дека алкохол нема да се служи на стадионите под изговор дека тој не е дел од арапската и муслиманската култура. Лично оваа одлука ни малку не го намали моето уживање во самото првенство, но мислам дека одлуката имаше голем удел во негативната реторика која го следи Катар уште од моментот кога се објави дека ќе биде домаќин на годинешниот спектакл. Вредно е да се напомене и недостатокот на вистински фудбалски ентузијастички навивачи. Голем дел од стадионите беа исполнети со луѓе од соседните арапски држави, како и Индија, Пакистан, Бангладеш кои повеќе уживаа во самиот настан отколку во случувањата на теренот“, додава тој.
За посетата на Катар, тој вели дека била полна со изненадувања, и потенцира дека претходно немале никаков интерес за овој регион. За луѓето коишто живеат таму, рече дека живеат во луксуз, но дека јавното прикажување на материјалните добра не е во склад со нивната култура и религија.
„Луѓето најчесто ќе ги сретнете облечени во традиционални носии и облеки, нивните палати имаат високи ѕидини, а токму за време на светското првенство власта ги советувала своите жители да ги сокријат луксузните автомобили во своите гаражи. Имаме само пофални зборови за сите интеракции со луѓето кои живеат таму. Љубезноста овде нема граници, а домаќините неуморно се покажаа како гостопримлив народ, па така сметаме дека целосно ги исполнија своите ветувања“, дециден е Крстев.
Негова омилена репрезентација е Англија, а тој бил присутен на натпреварите: Данска-Тунис, Мароко-Хрватска, Хрватска-Канада, Португалија-Уругвај, Велс-Англија, Полска-Аргентина и Камерун-Бразил.
Го прашавме и за некој интересен момент од неговата посета таму, а тој рече дека негов омилен момент дефинитивно се спонтаните прегратките кои ги добил од аргентинските навивачи кога Аргентина поведе на натпреварот со Полска на кој се бореше за осмина финале.
„Исклучително интересни беа и соочувањата на улиците низ Доха помеѓу навивачите на Аргентина и Саудиска Арабија по победата на Саудијците кои неуморно ги провоцираа врелите навивачи на Аргентина, кои пак им пееја дека не знаат како е да се биде светски шампион. Генерално во делот на групната фаза, за време на кој и ние го посетивме овој настан, најголемо внимание привлекуваа многубројните навивачи од арапскиот дел на светот кои со песни ги славеа своите победи. Исто така, беше интересно навивањето помеѓу Велс и Англија бидејќи и тие имаат големо меѓусебно ривалство кое се чувствуваше на трибините“, објаснува тој.
Разговаравме и за тоа колку луѓето коишто живеат во Македонија би можеле да си дозволат една ваква посета, а тој вели дека Катар е држава со висок стандард, кој е поблизу до оној на државите во Западна Европа. Најголемата трагедија според бил ограничениот број на сместувања во државата каде скоро 80% од капацитетите на хотелите биле пополнети со фудбалски делегации и токму сместувањето беше најголем трошок за секој посетител. Другите алтернативни сместувања биоле изнајмување на соба кај некој локален резидент или контејнерски сместувања.
„Кога зборуваме за неразумно високи цени не можеме а да не го спомeнеме пивото за кое ќе морате да одвоите најмалку 12 евра. Пивото беше достапно само во некои од фан зоните и хотелските барови со лиценца за служење на алкохол. Од друга страна, храната имаше попристојни цени, каде на пример вечера во ресторан за двајца чини од 40 до 70 евра, но исто така имате и изобилство на вкусна локална брза храна како фалафел, шаварма и арапско мезе кое нема да ве чини повеќе од 15 евра“, вели Васе.
За тоа дали има некој совет кој би им го дал на луѓето коишто би сакале да присуствуваат на светско првенство, тој рече дека раното планирање на ваква авантура е клучно почнувајќи од раното аплицирање за влезници на натпреварите.
„ФИФА обично има две фази на продажба на влезници, пред и после ждребот на групите. Ние аплициравме пред ждребот бидејќи тогаш е поголема веројатноста за добивање на влезници, бидејќи има помалку апликации. Чисто за споредба, во првата фаза добивме за седум натпревари, а во втората фаза аплициравме исто така за повеќе натпревари, но не добивме за ниту еден. Организацијата за самото патување мора да се започне неколку месеци однапред. Така на пример, ние за истата цена за контејнерските сместувања, успеавме да изнајмиме хотелска соба во еден од елитните делови во Доха. Од искуство зборуваме дека комфорот на долги патувања може да биде пресуден, затоа што организмот мора да се прилагоди на различни услови како високи температури, влажност, но и фактот дека станува збор за исклучително активен одмор на кој лесно може да се преладите“, завршува Крстев.