
Рандал Смит е американски новинар, добитник на пулицерова награда во 1982 година, а моментално професор на една од најдобрите школи за новинарство во светот , на Универзитетот во Мисури во САД. Пред неколку години ние направивме интервју со него, а сметаме дека денес е многу релевантно да се ре објави.

Принт скрин од веб сајтот на Рандал Смит
Во 1982 година бевте дел од тим кој доби Пулицерова награда за новинарство. Многу години сте во новинарството. Можете ли да кажете која е клучната разлика во новинарството од 1982 година и денес?
Секако најголема разлика е интернетот. Интернет направи огромна промена во медиумската сфера. Второ што е променето е моделот на профитирање и обртот на средства во традиционалните медиуми. Со сегашниот модел на медиуми ние мораме да бидеме многу повеќе свесни за својата публика од порано. Порано луѓето немаа толку избор, сега имаат многу избори.
Овде во Македонија ние имаме проблем да мотивираме млади луѓе да се вклучат во новинарството. Голем дел од нив не сакаат да студираат новинарство и не сакаат да бидат новинари. Го имате ли овој проблем во САД и како се справувате со тоа?
Мислам дека го имавме тој проблем после колапсот на дневните весници и некои други економски проблеми што ги имаа медиумите во САД. Но сега имаме раст на нови компании кои нудат добри работни места и добри плати. Како на пример Блумберг и ПроПублика, Политико. Тие компании се родија во последните 10 до 15 години и обезбедуваат добро платени работи за студенти. Ние како универзитет денес привлекуваме многу студенти и тоа добри студенти. Една од причината е што овие нови медиуми кои ги споменав го сменија пристапот. Почнаа да известуваат за правата на малцинствата или маргинализираните групи, почнаа да покриваат области кои други не ги покриваа до тогаш, почнаа да плаќаат повеќе на вработените и слично. Овој бизнис е во транзиција, но во позитивна насока.

(од лево кон десно) Уредникот на гоце.мк Игор Стојанов, претседателот на ЗНМ, Младен Чадиковски и Рендал Смит
Вие предавате бизнис новинарство. Рековте дека новинарите треба да се занимаваат и со тоа од каде доаѓаат парите и да се занимаваат со парите и профитот во медиумите. Дали мислите дека ова влијае на нивната објективност или пристрасност. Бидејќи ако тие добиваат пари од бизнисот не можат да известуваат за тој бизнис?
Она што го реков е дека новинарите треба да разберат како работи нивниот бизнис. Треба да знаат од каде доаѓаат парите и како се трошат. Да се има знаење за тоа значи дека може да се биде повеќе проактивен и да се нудат идеи за нови продукти (медиумски) нови идеи за содржини кои би правеле профит. Во оваа смисла ќе бидете по продуктивен член на тимот ако знаете како работи вашата компанија. Исто така новинарите денес можеби треба да размислат дека еден ден можеби ќе бидат оставени сами на себе и сами ќе почнат свој бизнис и треба да имаат сенс како работи бизнисот.
Овде во Македонија имаме проблем со владини пари во медиумите. Некои сметаат дека владата треба да ги субвенционира медиумите, некои велат дека тоа влијае на нивната објективност. Имате ли вие ваков проблем во САД? Кое е вашето мислење, дали владата треба да ги финансира медиумите?
Не. Во САД е сосема спротивното. Начинот на кој ние се обидуваме да работиме е така што медиумите се сопственост на приватни лица и некои од нив се дури и на берза. Ние во САД имаме многу силен „ѕид“ меѓу владата и медиумите. Бидејќи нашата работа е да бидеме „куче чувар“ на владата и нивната работа. Од таа перспектива многу е тешко да се биде „куче чувар“ на владата и во исто време да се добива пари од владата.
Дали можеби весниците добиваат пари од владата?
Директно не добиваат, но во некои држави има закони и правила преку кои индиректно или директно весниците можат да добијат пари од владите. На пример за некоја нова одлука во општината или државата, има закон дека тоа мора да се објави јавно во весниците. И така тие би можеле да добијат одредени средства на тој начин. Но генерално владата не плаќа пари. Имаше многу голема дебата за ова во САД. Имаме неколку медиуми кои се финансираат од владата. Тоа е NPR (National Public Radio) кое е финансирано од граѓаните и од владата. Има и телевизија PBS (Public Broadcast Service) која е финансирана од владата, но бидејќи не добиваат доволно средства од владата често имаат проекти кои се финансирани и директно од граѓаните. Овие две медиумски куќи уживаат голем рејтинг во САД. Најголем дел од медиумите не се финансираат од владини пари.
Кој е најголемиот предизвик на новинарството денес?
Најголемиот предизвик е да се одржи темпото со технологијата и промените кои се случуваат. Исто така огромен предизвик е да се тренираат идните новинари. Да им се дадат алатки да бидат добри во правење подкаст на пример, да пишуваат добри текстови за интернет. Предизвиците се многу слични од пред 30 или 40 години.
Според вас кои се најважните алатки што еден иден новинар треба да ги има? Кои се трите најважни работи кои треба еден новинар да ги знае?
Едно е што тие треба да бидат добар и јасен комуникатор со својата публика. Второ е што треба да имаат вештини за повеќе медиуми и во многу области. Затоа што кога ќе работат ќе се соочат секогаш со работи што не ги знаат. Мора да знаат како да ги научат новите работи. Имаме технологија што се менува секоја година и затоа мора да имате способност да се научите. И секако да бидете силни во неколку области кои сакате да ги покривате. На пример наука или бизнис или политика…
Можете ли да се сетите кој беше најдобриот совет кој го добивте вие кога бевте млад новинар?
Најдобриот совет кој јас го добив како млад новинар беше „Пишувај секој ден“. Тоа ме направи многу подобар пишувач и многу подобар мислител. Кога бев млад многу често си мислев како ќе ми се исплати ова. На мојата прва работа морав да диктирам пожар преку телефон. Пишувањето секој ден ми помогна мојата мисла да стане почиста и појасна, да можам полесно да пишувам и да комуницирам.
Ако сега сте 25 години. Во што ќе го вложите сето свое време и знаење?
Ако сега сум 25 години ќе почнам свој бизнис во медиумите. Ќе верувам во тоа и ќе формирам тим од добри новинари и уредници и ќе најдам област во која би можел да пишувам , како бизнис вести, и ќе го растам тој медиум. Веројатно ќе најдам друг пат. Мојот пат во животот беше да работам за други, ако имам можност ќе отидам по патот да работам за себе си.