„Идејата да го разработиме нашето хоби ја добивме спонтано, но дали ќе прерасне во бизнис, се’ уште не знаеме…“, велат Пепика и Ружица, студентки на Економскиот факултет во Скопје. Девојки кои се занимаваат со декорации на прослави и свечености.
Денеска сме сведоци дека повеќе жени решаваат да зачекорат во бизнисот. Бизнисите во Македонија ги водат доминатно мажи, но според статистиките 4% од нив се жени. Оваа бројка се зголемила за 0.5% од пред 5 години.
Гледаме примери каде што бизнисменките одлично се справуваат со мултитаскингот. Тука се појавува прашањето, што ги спречува жените кои сакаат да бидат претприемачки да го сторат тоа? Зошто се плашат да излезат од конфортната зона и да го направат чекорот кој што го сакаат? |
На нашите простори се’ уште владее патријахалниот менталитет кој налага дека постојат машки и женски професии. Несомнено е дека одговорот на прашањето кој подобро знае да води бизнис е „мажот“. Жената треба да работи како наставничка, рецепционерка… или подобро кажано да одбере „женска професија“. Така ќе работи со ограничено работно време и ќе се посвети повеќе на домот. Ваквиот начин на размислување ги сведува жените на мајки и сопруги, а многу помалку на жени со амбиција, професија, свој бизнис…
|
За да добиеме една подобра младина која што нема да живее со патријахален менталитет и во која што нема да владее родова нееднаквост, потребни се промени. Промени најпрво во образовните системи кои што ќе направат еден поинаков поглед на работите.
Ректорот на универзитетот „Гоце Делчев“ – Штип, проф. д-р Дејан Мираковски, неодамна потпиша Декларација за поддршка и соработка со Националната платформа за женско претприемништво. Координаторката, Ирена Мирчовска, истакна дека овој документ е почетна точка од каде што се можни промени во позитивна насока за женското претприемништво. Според Мирчовска, потребна е едукација на младите за осознавање на своите права и можности. Ваквите чекори се неопходни доколку сакаме да се ослободиме од патријахалниот менталитет.
Според Стратегија за развој на женско претприемништво во Република Македонија, 2019 – 2023, жените имаат малку пониска перцепција за приликите од мажите, но повисоко ниво на страв од неуспех и ниско ниво на самодоверба во однос на сопствените компетенции за започнување на деловен потфат. Тоа укажува дека факторите / пречките од околината имаат поинакво влијание кај жените отколку кај мажите.
Во истражување спроведено од McKinsey Global Institute, резултатите откриле дека унапредувањето на женската еднаквост може да ја зголеми глобалната економија за 12 трилони долари во глобалната економија до 2025 година. Во истражувањето се истакнува дека ова влијание е еквивалентно на големината на кинеската и американската економија заедно. Доколку се срушат бариерите на патијахалниот менталитет и се создаде родова еднаквост, жените може да го зголемат растот на економијата.
„Сакам моето хоби да прерасне во бизнис бидејќи тоа е тоа што ме исполнува. Со оглед на денешната ситуација, мора да бидеме реални и да кажеме дека овој бизнис не може да биде примарна работа, бидејќи со отварање на фирма следуваат и многу трошоци кои што не можат да се покријат без финанскиска поддршка.Сепак сметам дека за претприемништвото и водењето на еден бизнис се’ уште треба да се учи.“, вели Надица.
Покрај учењето и меѓусебната поддршка е голема мотивација за сегашните и идните претприемачки. Претприемачките кои што успеале да се изборат и покрај партијахалниот менталитет кој што не’ опкружува, денеска ја раскажуваат својата приказна.
Пример за млада претприемачка е Ефимија Тошева која што се занимава со изработка на природна козметика. Таа на сите девојки и жени кои што размислуваат дали да започнат свој бизнис им препорачува:
“Се’ уште се соочуваме со тоа дека жените не се доволно добри за водење на бизнис, а свесни сме дека не е така. Јас како сопственичка на лабораторија за природна козметика сакам да им препорачам на сите девојки и жени да продолжат да се борат. Да го остварат нивниот сон за да постигнат успех во нивната кариера и да ја следат нивната интуиција.„
„Кога имаме пред нас вакви примери на успешни жени, добиваме желба да го претвориме нашето хоби во уникатен бизнис. Изработките кои што ги правиме секојдневно се прифатени од многу клиенти. Благодарение на обуките кои што може да ни помогнат во иднина, веруваме дека и ние ќе бидеме успешни жени претприемнички.“ велат Пепика и Ружица.