
„Секогаш децата ќе бидат неоткриена вистина што долго на моите платна ќе ја пренесувам за вечноста некогаш да ја согледа нивната вистина. Преку моите слики ја насликав вистината за детскиот свет, но и нивната тага и самотија во услови на Ковид.“ , вели проф. д-р Елизабета Митрева, автор на самостојната изложба „Бакнати деца“.

Елизабета Митрева, професор, хуманист и вљубеник во уметноста. Во последните неколку години надвор од обврските, нејзин фокус е сликарството. Како уметник кој што има насликано многу дела, решава да направи самостојна хуманитарна изложба на која што се отсликани децата во период на Ковид. Нејзините композиции, преку треперлив потег на четката пренесуваат едноставна и чиста внатрешност на ретката детска убавина во просторот.
На изложбата ќе бидат претставени многу дела, а секое посебно сведочи за посебна приказна која што ја раскажува тагата, смеата или радоста на едно дете во време на пандемија.

„Детскиот живот е мистична приказна што ретко може да се чуе. Приказната поседува незавршено време што може да се огледа на мојата изложба, со моите сликани платна. Вечно треба да се гледа во насликаното време за да се исполни душата на безброј посетители кои ќе се насладат од убавината.“ вели проф. д-р Митрева.
На 19 октомври (среда) 2022 година во 12 часот ќе биде поставена изложбата во уметничката галерија Безистен во Штип. Сите дела ќе бидат подарени на: Детско одделение при Клиничка болница – Штип, Државно средно училиште за образование и рехабилитација „Искра“ – Штип, Дневен центар за деца со телесна и интелектуална попреченост, Дневен центар за деца со аутизам и Мал групен дом за деца без родители и родителска грижа во Штип.
Оваа топлина нека ги предизвика сите вљубеници во уметноста да се сплотат и секогаш да ги бараат убавите нешта со кои што ќе живеат. Со ваквите хумани изложби и добри дела ќе го обоиме светот со весели бои.
Погледнете дел од сликите кои ќе бидат изложени:



