
Семејното насилство има континуиран и ескалирачки карактер и претставува сериозен и долготраен процес на виктимизација. Последиците не мора да се изразуваат како физички повреди за да постои семејно насилство, напротив тие се длабоки психолошки и социјални проблеми со кои се бори жртвата. Институциите чија примарна работа е превенцијата и спречувањето на насилство, во реалноста својата работа не ја вршат ефективно со што предизвикуваат недоверба во заедницата.

Проф. Д-р Елена Максимова
„ Семејното насилство не е само индивидуален проблем, туку сложен општествен и криминолошки феномен кој има последици и за жртвата, и за семејството, но и за поширокото општество. Во криминолошката и виктимолошката литература, последиците од долготрајното семејно насилство често се објаснуваат и преку концептот на Battered Woman Syndrome (синдром на злоставувана жена). Овој концепт се однесува на специфична психолошка состојба која може да се развие кај жени кои подолг временски период се изложени на повторувачко физичко и психолошко насилство од интимен партнер.
Во такви околности, жртвата постепено може да развие чувство на беспомошност, силен страв, хронична анксиозност и нарушена перцепција на можностите за излез од насилната врска. Насилството најчесто се одвива во циклуси – период на тензии, насилен инцидент и фаза на привидно смирување – што дополнително ја одржува зависноста и ја отежнува одлуката за напуштање на насилникот.“, вели проф. д-р Елена Максимова од Правниот факултет при УГД – Штип.
Кога станува збор за семејно насилство, приматот се става на физичкото насилство и покрај тоа што тоа не е единствениот облик во кој се појавува насилството. Иако, физичкото семејно насилство е многу повеќе видливо и полесно за докажување, сепак психолошкото насилство може да предизвика сериозни проблеми поврзани со менталното здравје на жртвата.
„Иако современите правни и криминолошки пристапи го препознаваат психолошкото насилство како сериозна форма на насилство, во практиката физичкото насилство и понатаму добива поголемо внимание, особено затоа што е полесно доказливо. Во многу случаи токму психолошкото насилство претставува прва фаза во циклусот на семејното насилство, која со текот на времето може да премине во физичко насилство.
Неколку однесувања се сметаат како типични за овој вид на семејно насилство како што се: контрола врз жртвата на семејно насилство, целосна изолација на жртвата, постојана љубомора, постојано омаловажување и понижување на жртвата во затворен или отворен круг на луѓе, постојано заплашување, сериозни закани за повредување на жртвата или повредување на неа блиски лица.
Во последните години се појавуваат и нови форми на психолошко насилство, особено преку дигитални средства – контрола на телефон, банкарски сметки, следење на социјални мрежи, барање лозинки или постојано проверување на комуникацијата на партнерот. Оваа форма на контрола често е потценета, но може да биде дел од поширок образец на психолошко насилство.“, вели Максимова.
Регулативата на семејното насилство во теоријата е поткрепена со повеќе правни акти, какошто се Кривичниот законик, Законот за превенција, спречување и заштита од семејно насилство, како и обврските што произлегуваат од Истанбулската конвенција, која државата ја има ратификувано. Најголемиот проблем со кој се соочува правниот систем во Македонија е имплементацијата на овие законски регулативи.
„Иако Северна Македонија располага со релативно солидна законска рамка за заштита од семејно и родово базирано насилство, проблемот најчесто се појавува во фазата на практична имплементација. Во постапувањето на институциите, особено на центрите за социјална работа, се забележуваат одредени слабости како ненавремена реакција, формален пристап при проценката на ризик, како и предлагање мерки без доволна консултација со самите жртви.“, вели Максимова.