ПO КАТЕГОРИИ
НАЈВАЖНО
ПО ИНТЕРЕС
ПО ФАКУЛТЕТИ
19.04.2022
Шаќири: Владата никогаш не рекла дека нема зголемување на платите
Автор: Goce Author

Штрајкот на СОНК беше во фокусот на вниманието и пред почетокот на денешната дебата за Инклузијата во образованието, организирана од Народниот правобранител и МОН.

Народниот правобранител Насер Зибери рече дека досега има неколку претставки по врзани со штрајкот, но сите се од родители кои реагираат зошто не можат да ги носат децата во градинка.

–Има претставки, во насока на поплаки на родителите зошто не се во можност да ги носат децата во градинките. Но, најдобра илустрација на состојбата е една претставка која почнува: „Почитуван правобранителе, на почеток сакам да кажам дека целосно го поддржувам штрајкот на наставниците, и вториот пасус веднаш продолжува – Ве молам преземете мерки наставниот процес да продолжи. Значи се работи за две со Устав гарантирани права, но во ваква ситуација и меѓународните документи, Конвенцијата за правата на детето, вели во случај на судир на две права, предност треба да се даде на правата на децата, што значи, не треба воспитно образовниот процес да трпи последици. Во моментов има 4-5 претставки, и сите се во однос на поплаки зошто има прекин во организирање на воспитно образовниот процес, а нема поплаки во однос на попречување на штрајкот. Да, треба да се внимава на дигнитетот на вработените во образовниот сектор, наставниците, а ова подразбира и подобрување на материјално финансиската состојба. Затоа апелирав до Владата да ги продолжи преговорите со СОНК, да се најде што побрзо решение, за да нема последици по образовниот процес. Правата на детето, и правото на образование не смее да трпи последици – изјави Народниот правобранител Насер Зибери.

Правото на образование на децата треба да има предност пред правото на штрајк

Министерот за образование Јетон Шаќири изјави дека никого не обвинува во врска со штрајкот. Но што се однесува до образовниот процес, сака што е можно побргу да продолжи, ако може уште утре.

– Што се однесува до СОНК, сами знаете дека имавме состанок со СОНК, каде се дискутираа неколку теми. Во делот на покачување на плата беше понудено покачување од десет проценти на платата, или 2500 денари. Мислам дека со претставниците од СОНК можеме да продолжиме секојдневно да разговараме и преговараме за оваа многу значајна тема, но не сакам да има последици по воспитно образовниот процес. Вие сами знаете дека на пресот на СОНК се кажа дека дел од координаторите со членовите имаат дискутирано и преку вибер комуникација е кажано дека 95 % од членовите не прифаќаат покачување од 10 %, а 5 % прифаќаат.

Продолжува штрајкот, а ќе се продолжи ли учебната година после 9 јуни?

Но, овие 10 %, ако се вратиме во годините наназад, секогаш е највисокиот процент на покачување кој е даден на основното и средното образование. Но пак кажувам дека не застануваме тука, имаме простор за дискусија за другиот дел, но секогаш да се има предвид дека овој процент е во една многу поинаква ситуација која во претходните години не била ваква економска криза каква што имаме оваа година – изјави министерот Шаќири.

Шаќири смета дека има разлика од штрајк и прекин на настава, треба да се знае кој одлучува

Министерот рече и дека денеска имал комуникација со претседателот на СОНК, и во насока да немаразлични информации, го потенцира примерот со изјави дека немало никаква понуда за зголемување:

–Прочитав информација дека од претставник од СОНК од струшко дебарскиот регион има повик до наставниците дека не е вистина понудата за зголемување од 10 % од страна на Владата и да се продолжи со штрајкот. Навистина не сакам вакви дезинформации, ние денеска ќе ја информираме Владата за состојбата, ќе имаме заклучоци кои ќе ги испратиме до СОНК и до јавноста. Но, за оваа сериозна тема, никогаш од страна на Владата или нејзини претставници и во оваа економска криза не е кажано дека нема да има повисоки плати во образованието. Кажано е дека ќе има повисоки плати, дека во оваа ситуација ќе го направиме максимумот во состојбата во која се наоѓаме. Има различни видови на штрајк, но во дописот од СОНК до МОН е кажано дека ќе има генерален штрајк, а не е кажано дека ќе има прекин на наставата. Ви неколку наврати во соопштенија од СОНК можете да видите дека одлучуваат директорите за тоа како се одвива наставата, па се остава на одлука на родителите дали да ги носат децата. Ако реално членството на СОНК смета дека треба, СОНК нека излезе со соопштение дека ја прекинуваат наставата, за да се знае кој кажал децата да немаат настава – изјави Шаќири.

(Видео) Единствената уметница во Македонија која слика со уста
Студентски оброк, лажни соопштенија-ќе продолжат ли преговорите?