
Врсничкото насилство не е одговорност само на Министерството за образование и наука, туку сите институции треба да се вклучат во превенција на оваа појава. Ова го изјави министерот Јетон Шаќири. Тој апелираше до сите институции да се посветат на овој проблем согласно нивните надлежности. На родителите порача да соработуваат за да има што помалку случаи на булинг.

Фото: МИА
-Откако го отворивме мејлот, многу случаи од таква проблематика се решени со добра комуникација помеѓу родителите, директорите, претставниците на институциите. Во одредени ситуации не е одговорност само на Министерството за образование и наука, без разлика на моментите кога се случува. Сите институции треба да се вклучиме во оваа проблематика, изјави Шаќири денеска од Тетово.
Порача Бирото за образование и наука да продолжи со обуки на наставниците на таа тема. Општините да бидат повнимателни во менаџирањето на училиштата, а стручните служби во училиштата повнимателно и попосветено да работат на оваа проблематика.
-Но јас ги повикувам и родителите на добра соработка за да имаме што помалку такви случаи. Затоа што сите се во контакт со учениците, почнувајќи од училиштата, но исто така и родителите. Секогаш да пријавуваат тоа што треба да се пријави во училиште, а исто така и во другите институции, додаде министерот.
Министерството минатата учебна година отвори службена е-адреса за пријавување врсничко насилство: prijavinasilstvo@mon.gov.mk и paraqitdhune@mon.gov.mk на албански јазик.
Како што МОН соопшти тогаш, со отворањето на електронската адреса, се воспоставува брз, доверлив и безбеден начин, преку кој учениците, родителите и граѓаните можат да пријават инциденти.
МОН тогаш нагласи дека ваквиот начин на комуникација е „дел од системот за идентификување и запирање на непосакуваните однесувања“. Најави и дека „секоја пријава ќе се истражи и ќе се преземат соодветни мерки“