ПO КАТЕГОРИИ
НАЈВАЖНО
ПО ИНТЕРЕС
ПО ФАКУЛТЕТИ
07.12.2023
Што кажаа македонските писатели за штипското списание СУМ?

Познатото штипско списание за уметност СУМ прослави 30 години од своето постоење. Еден од најважните медиуми за уметност кој излегол од Штип. Во штипската библиотека денес се потсетија на сите поети, писатели и автори кои дале придонес за СУМ, и кои го потенцирале значењето на списанието. Ви пренесуваме дел од нив.

Милан Ѓурчинов

Бев и СУМ среќен затоа што на таков начин Штип се потврди како наш град со традиции и вистински културни афинитети, што придонесуваме преку СУМ да се урнат границите меѓу центарот и периферијата (напати тие и да си ги заменат местата!) и така да се афирмира пораката што на робија осудениот Достоевски му ја прати на својот брат: „Не очајувај, мили, животот е насекаде живот, тој е во нас самите, а не во надворешното“.

Милан Ѓурчинов

Гане Тодоровски

Јас СУМ и ќе СУМ

Гане Тодоровски

Матеја Матевски

Го гледам СУМ со години и ми е драго што во Штип излегува една такво угледно литературно списание уредувано и водено од една угледна редакција на истакнати писатели.

Коле Чашуле

Списанието СУМ за мене кога се појави беше изненадување. Со следните броеви тоа изненадување се оправда себеси, уште повеќе што стана моја лектира меѓу оние кои редовно ги следам. Текстовите објавени во СУМ беа, особено некои, предизвици за размисла, а тоаза секоа списание е потврда за неговата мисија.

Александар Прокопиев

Некогаш несомнена новина и свежост меѓу македонските книжевни списанија. СУМ денес, верувам , се уште не го загубил заведувачкиот однос кон читателот. Се надевам дека, благодарение на опстојувачкиот ентузијазам на главниот уредник  Трајче Кацаров, СУМ и натаму ќе ги изненадува своите читатели и, заедно со нив, ќе ја оживува матричната духовност и поттик на литературата.

Венко Андоновски

Да се прослават 20 години од излегувањето на едно капитално за македонската уметност списание, СУМ, е навистина голем културен подвиг. Особено ако се знае дека СУМ е врсник со едно историски нестабилно, турбулентно и транзиционо време кое се спасувало самото себеси од рабовите на егзистенцијата, и во кое уметноста честопати станувала луксузна општествена стока, еден вид парфем во политички пресудни времиња.

Веле Смилевски

Списанието СУМ постои како сугестивна потврда дека времето на периодиката не само што не е минато, туку дека тоа време е сегашност и иднина. СУМ е списание создавано со знаење, искуство, талент, инвенција и љубов кон уметноста. Едноставно: СПИСАНИЕ ЗА УМЕТНОСТ кое во својата сублимација СУМ значи ПОСТОЈАМ: за уметноста, со уметноста и од уметноста.

Веле Смилевски

Стењка Разин, „С У М“ и ние другите (21 ноември 2003)

На прагот од зимата 1993 година во мојот стан на Водно дојде млад човек со сини очи и руски потстрижана брада од кого зрачеше голема убавина и исто толкава виталност. Помислив: Некој наш Стењка Разин…Него го доведе кај мене мојот помлад колега и пријател Сашо Прокопиев. Бевме многу различни по години, доста и по сфаќања, но во едно се совпаѓаме: неоптоварени од никакви догми, отворени, со немирен дух кој не знаеше докрај што сака, но знаеше што не сака. Договорот беше мошне краток: решивме да покренеме списание за уметност, го крстивме СУМ, списание штипско по татковина, светско, космополитско по содржина. Сега ја одбележуваме првата декада од неговото континуирано постоење…

Во продолжение неколку насловни страници од СУМ кои денес беа изложени како сведок за еден уметнички континуитет:

(Видео) И Велешкото езеро Младост на удар на бетонизацијата
Повик за учество на средношколци на летен воен камп во Црна Гора