
Како што влегуваме во 2024 година, вештачката интелигенција (АИ) продолжува со својата брза еволуција, носејќи возбудливи случувања и предизвици, од генеративната АИ и нејзините апликации во генерирањето видео, музика и глас, до зголемената употреба на генерирани содржини во политиката и медиумите.
На полето на јазични модели во 2024 година се очекува големите гиганти (како Google и OpenAI) да продолжат да развиваат попаметни модели на АИ попогодни за корисниците, со можност за креирање сопствени приспособени чет-ботови без вештини за кодирање. Ова веќе се случи со GPT store. АИ ќе биде достапна и корисна за пошироката јавност. Мултимодалноста ќе има предност, како во случајот на Gemini. Но, ќе продолжат да се развиваат и независни модели како LLaMA, Pythia, Falcon и други.
Вториот бран на генеративната АИ ќе биде фокусиран на генерирање видео. Runway и PikaLabs предничат, но другите апликации ги достасуваат. Главните тешкотии се во конзистентноста на ликовите и стиловите кои се очекува да бидат надминати и наскоро генерираните видеа да не се разликуваат од реалните. Големите филмски студија веќе ја користат генеративната АИ. Тука треба да се спомене и генерирањето музика и глас кои се веќе достапни. Ќе се појават алатки кои ќе им помогнат на дизајнерите со поедноставен, побрз и поефикасен процес на создавање сложени прототипови и материјали.
Deepfakes ќе бидат голем предизвик на изборите во САД во 2024 година. Политичарите веќе користат содржина генерирана од АИ за да ги нападнат противниците. Лажните вести се во подем, а правењето разлика помеѓу нив и вистинските е сè потешко. Веќе е возможно да се создадат цели функционални сајтови со тековни вести со помош на АИ. Исто така, се предвидува дека 2024 ќе биде година на АИ инфлуенсери.
Се очекува претпријатијата да се концентрираат на развој на генеративни модели на АИ кои се прилагодени за специфични индустрии и барања на корисниците. Ова произлегува од потребата за поспецијализирани и поефикасни модели кои можат да одговорат на уникатните предизвици и нијанси на различни сектори, како на пример во здравството, финансиите, правото, итн.
На CES 2024 (Consumer Electronics Show) од 9-12 јануари беа претставени најновите примени на АИ. Не само во компјутерите, телефоните и автомобилите, што и не е ново, туку беше јасно дадено до знаење дека наскоро ќе нема потрошувачки предмет кој ќе нема некаков вид АИ во него. Од перници, душеци, фрижидери, машини за перење и сушење алишта, скари и апарати за подготвување храна, телескопи, стетоскопи, ролерки и многу друго!
Ќе се појават роботи за општа намена способни да извршуваат поширок опсег на задачи. Минативе години се работеше напорно на надминување на парадоксот на Моравец (она што е лесно за нас е тешко за AI/роботите и обратно) и конечно влеговме во новата ера. Хуманоидните роботи се на повидок!
Новите архитектури на невронски мрежи како Mamba и невросимболичката АИ веќе ги подобруваат когнитивните способности на АИ, потенцијално приближувајќи се до постигнување на вештачка општа интелигенција (AGI). Можеби е сè уште рано, но секако треба да се мисли на порамнувањето со човечките вредности! Дали и Марк Зукенберг мисли на тоа?
Најголемата пречка за демократизацијата се трошоците за тренирање на АИ моделите, како и ризикот за нарушување на приватноста. Трошоците веќе се намалуваат (како што демонстрираше LLaMA), но безбедноста е отворено прашање. 2024 година, наспроти предвидувањата за генерализација и доближување кон AGI, можеби ќе биде година на мали базични модели. Овие специјализирани, наменски изградени модели на АИ можеби ќе заземат централно место.
Генеративната АИ ќе игра значајна улога во здравствената заштита со креирање лични планови за лекување, подобра дијагностика и грижа за пациентите. АИ веќе откри нова класа на антибиотици против отпорни бактерии. Ќе се појават нови уреди и примени за подобро клиничко одлучување, документација и здравствена заштита – ова е особено значајно за помалку развиените земји како нашата каде што има сѐ помалку професионалци.
Вештачката интелигенција ќе им помогне на наставниците во генерирање белешки, извештаи, планови за часови и персонализирани искуства за учење, но и на учениците да ги совладуваат материјалите полесно. Ова е повторно значајно за Македонија каде образованието е на ниско ниво.
АИ веќе се покажа како клучна во научните истражувања. Како пример за тоа е способноста да ја револуционизира биологијата со прецизно предвидување на протеинските секвенци или откривање нови лекови, како што е примерот со супстанциите како INS018_055 и абауцин. Се очекуваат уште вакви и поголеми откритија во иднина.
Автор:БРАНКО ПРЉА
(Текстот е напишан во рамките на Иницијативата за дигитално граѓанство ResPublica. Оригиналната објава можете да ја прочитате тукa.)