ПO КАТЕГОРИИ
НАЈВАЖНО
ПО ИНТЕРЕС
ПО ФАКУЛТЕТИ
22.07.2024
Што сè ги привлекува студентите на Work and travel во САД?

Сѐ повеќе расте популарноста меѓу студентите за искористување на Work and travel програмата во САД. Иако голем дел од студентите ја одбираат Германија како држава која е подостапна и им нуди добри понуди за работа, сепак во последните години расте интересот и за САД. Мотивот е истражување и посетување на нова култура и искусување на животот прикажан во популарните серии и филмови.

„Претходните три години секое лето го поминував во Германија, но оваа година се одлучив да аплицирам за Америка, затоа што сакав да поминам едно поразлично лето во Америка, да патувам и да ги посетам сите оние места кои што секојдневно ги гледаме по филмовите и сериите. Би сакала особено да ставам акцент на патувањето, стекнувањето на нови пријателства, запознавање со нови култури бидејќи тоа се работи кои засекогаш ќе останат во нашите сеќавања.“, вели Сара Денкова, студент на Универзитет „Гоце Делчев“ во Штип.

Според студентите , достапни им се низа на опции за сезонски работни позиции како келнер, шанкер, работа во кујна и работа во хотели. Придобивка е и подолгиот престој, во  Германија студентите минуваат најмногу до 3 месеци, додека во  САД остануваат и до 5-6 месеци.

Work and travel атрактивна програма за престој во САД

„Сметам дека летните периоди во тек на студиите се една од последните шанси кои ќе ги имаме за безгрижно да можеме да се дружиме, патуваме и стекнуваме нови искуства. Покрај финансиските придобивки, исто така во тек на работата прилагодувајки се на различни ситуации кои од нас бараат издржливост, дисциплина и критичко размислување, стекнуваме и вештини кои понатаму можеме да ги имплементираме во нашиот иден професионален живот.

Прекрасно е чувството кога работиш опкружен со студенти од земји како Еквадор, Малезија, Јордан,  Монголија и многу други, и на кои знаеш дека можеш да се потпреш и да добиеш поддршка. Покрај ова исто така мој мотив за учество во програмата беше и можноста за патување и истражување на различни делови на САД, од бројните живописни градови до нивните прекрасни национални паркови, кое би било навистина незаменливо искуство.“, вели Сара Николова, студент на УГД.

Штипјанец раскажува за своето работно искуство на Фарските острови

Работните агенции се прв избор за студентите кога се одлучуваат на ваков чекор. Многу од нив им нудат достапни понуди и работни позиции како и помош при барање на престој и снаоѓање во странство.

„Програмата како Work and travel дава сигурност во однос на нашата работа и сместување. Работните места претходно ни беа понудени преку посебна агенција, а ние само доставуваме CV и ги остварувавме интервјуата за работа. Моментално работам како келнерка и секојдневнието ми е исполнето со работни обврски. Но, позитивно е што преку работата запознавам луѓе од целиот свет и остварувам контакти кои ќе ми значат во иднина.“, вели Марија Ристеска, студент на УГД.

Студентите се согласни дека ова искуство не значи само стекнување на работни вештини, туку многу поголемо искуство им претставува запознавањето со нови култури и познаници насекаде од светот. Ваквата можност им ги проширува нивните хоризонти и тие се стекнуваат со поразлична песпектива, подобрување на јазичните вештини и нивен личен раст и развој.

Крај за „лајк, тагни пријател и добиј“ без правила? Македонија воведува нови услови за giveaway
Work and Travel во Германија или Америка – што да одберат студентите?