
„Случајот на Коста К.“ како и неоправдано ставено во втор план масовното убиство во близина на Младеновац од 21 годишниот Урош Б., се последната опомена за сите нас, родители, деца, училишта, педагози, психолози, и конечно, општеството воопшто да сфатиме дека – задоцнивме! Требаше порано, требаше на време, требаше во континуитет.
Требаше, не да реагираме, туку да превенираме. Едноставно да бидеме будни. Затоа што имаше еден многу еклатантен следоред, предзнаци, на кои требаше само да се фокусираме.
Следејќи ги податоците на двете најреферентни глобални асоцијации Светската здравствена организација (СЗО) и УНИЦЕФ – (Фондот на Обединетите нации за заштита на правата на децата) може(в)ме да ги антиципираме некои актуелни случувања. Така според СЗО половината од сите ментални нарушувања (50%) почнуваат пред 14 години, а 75% до средината на 20-тите години. Повеќето од нив остануваат непрепознаени и нелечени.
Во Србија 4,1% од вкупните жители имаат симптоми на депресија, 10,8% од учениците пријавуваат лошо расположение, а 21,9% пријавуваат чувство на нервоза барем еднаш неделно.
Според Извештајот на УНИЦЕФ за состојбата на децата во светот за 2021 година, 11,5% или 44.000 адолесценти на возраст од 10 до 19 години во Хрватска имаат проблеми со менталното здравје.
Но, проблемот на менталното здравје на младите не е ниту скорешен, ниту целосно научно и социолошки апсолвиран. Само одвреме навреме, случаи како оној пред дванаесет години на Брејвик, Коста К. или други екстреми ќе не вратат на фокусот и потребата од посериозен и поодговорен пристап кон овој суштински проблем од било кој аспект и во било кое време.
Ако ја тргнеме тешката завеса од глобалната здравствена криза што ни ја наметна пандемијата на вирусот Ковид 19, на виделина ќе излезат најголемите жртви на ова планетарно зло но и последиците кои дополнително ќе ги чувствуваме.
Меѓутоа, гледано од сосема друг, но подеднакво важен агол, би рекле дека првите жртви кои „паднаа“ во општиот хаос и сеопшта хистерија (како резултат од пласираните полуинформации, и дезинформации), создадени од незнаење и неискуство, се младите!
Само пред три години алармот почна вака: „Младите се најчести преносители на заразата, тие лесно ја пребродуваат инфекцијата, но се и најголемата опасност, ги заразуваат постарите и ранливите категории граѓани, тие се недисциплинирани и најчесто ги нарушуваат протоколите…“ И уште една бескрајна листа ставови „на сметка и за сметка на младите“.
Но, вистинското прашање можеби е: Како младите минуваа низ пандемијата и како таа се рефлектираше врз нивното ментално здравје? Прашања кои остануваат во сенка, но, кои, сакале или не, ќе одекнат во иднината.
Еве зошто. Според педантните и длабоко аналитички истражувања на експертите од УНИЦЕФ: „До 20 проценти од адолесцентите на глобално ниво доживуваат ментални нарушувања. Три од четири проблеми со менталното здравје на возрасните лица започнуваат во детството и адолесценцијата, а алармантен дел од адолесцентите, 5 – 10 проценти во земјите со високи приходи и 15 проценти во земјите со средни и ниски приходи имаат обид за самоубиство“.

Image by Freepik
Првичните сознанија доаѓаат од општата перцепција и случувањата од секоја точка на светот, од секоја земја каде вирусот ја проби заштитната опна на физичкото, но и на менталното здравје, па и кај нас. Ако тргнеме од констатацијата на експертската јавност од афилијацијата на ОН која најсериозно се бави со здравјето на младите, можеме да очекуваме дека како во сиромашна земја, во Македонија би требало да очекуваме и понеповолни резултати за сегашноста и за иднината на младата популација.
Дури беневолентно звучат зборовите на извршната директорка на УНИЦЕФ Хенриета Форе дека „Децата ширум светот се заклучени надвор од училниците, затворени во нивните домови и ограбени од секојдневната радост на играње со пријателите – тоа се последиците од пандемијата“.
Повеќе милиони семејства се турнати во сиромаштија, не можат да врзат крај со крај. Детскиот труд, злоупотребата и родовото насилство се во пораст. Многу деца се исполнети со тага, повредени се или чувствуваат анксиозност. Некои од нив дури се прашуваат каде оди овој свет и какво им е местото во него? Навистина, ова се многу тешки времиња за децата и младите луѓе, и ова е состојбата во која се наоѓа нивниот свет во 2021 година.“
Автор: ВИОЛЕТА ЦВЕТКОВСКА
(Текстот е напишан во рамките на Иницијативата за дигитално граѓанство ResPublica. Оригиналната објава можете да ја прочитате тукa.)