ПO КАТЕГОРИИ
НАЈВАЖНО
ПО ИНТЕРЕС
ПО ФАКУЛТЕТИ
11.06.2026
Што ќе ни е новинарство кога имаме интернет?

Никогаш немало повеќе информации од денес, а во исто време никогаш повеќе глупости не се третирале како вистина.

Новинарството го живее најголемиот парадокс во својата историја. Живееме во време кога огромен дел од луѓето секојдневно консумираат огромен број информации, а во исто време огромен дел од луѓето губат доверба во систематизирано и професионално новинарство. Многу луѓе губат доверба во се!

Image by Freepik

Зошто е ова вака?

Долго време се среќавам со луѓе кои се паметни, професори, доктори на науки, а сепак сведочам дека се жртви на лажни вести, на лажни наративи, а до некаде и на глупости генерирани со вештачка интелигенција.

Свесен сум дека вистината е растеглива, но не можам да прифатам дека не постои вистина и дека ние како луѓе не можеме да се согласиме за основни концепти дали се точни или не.

Се прашував како овие паметни луѓе, едуцирани, успеале да бидат „жртви“ на купот ѓубриште кој го има онлјан. И имам неколку тези околу тоа.

Прво да разјасниме – тоа се луѓе кои исто така се љубители на вистината, тоа се луѓе кои навистина и искрено сакаат да трагаат по тоа што е вистинито, кои сакаат да копнат под површината. Тоа се луѓе кои често консултираат, верувале или не, „премногу“ извори. Иако звучи парадоксално, еве ќе објаснам зошто е возможно.

  1. Парадоксот на изборот

Меинстрим медиумите со децении го промовираа советот: „Проверете од повеќе извори“. Но, во дигиталната ера, овој совет стана опасен бидејќи претпоставува дека просечниот консумент има време, ресурси и методологија да разликува професионален извор од пропаганден бот. И покрај тоа што станува збор за едуциран човек во областа на здравство, образование или машинство, тоа сепак не е човек кој има вештини за информациите на новото време.

Ботови, Астротурфинг, Computational propaganda, Deepfake, Cheapfake, Firehosing и Flood the zone (едни од најопасните), Rage – baiting, Халуцинации на ВИ итн… Намерно нафрлувам термини и „се правам паметен“ за да покажам дека станува збор за концепти кои се сосема непознати за еден лекар да речеме. Сите овие се комуникациски механизми на новото време.

И сега кога тој лекар, се обидува да дојде до вистината за сложени феномени бара едноставни објаснувања на алтернативни извори. Кога изворите стануваат бесконечни, мозокот доживува преоптоварување. Наместо да се приближи до вистината, поединецот често избира пат на помал отпор, или паѓа во стапицата на „ништо не е вистина“.

  1. Производство на сомнеж

„Агнотологија“ е термин кој дефинира систематски генерираното незнаење или сомнеж (техника користена од Тутунската индустрија). Многу актери (политички или бизнис) не се трудат да те убедат во нивната лага; нивната цел е да те убедат дека вистината е претешко да се спознае па дури и дека не постои.

Еден сосема опасен концепт во кој токму таргет се средна и средно висока класа на луѓе. Релативно едуцирани и релативно паметни. Оние не едуцираните и простите имаат корпус на дипфејк и очигледни глупости. За нив има друг тип на информации.

Е сега, целта на овие е – Ако успеат да те натераат да кажеш „сите лажат“, тие победиле. Тогаш ти веќе не си граѓанин кој бара одговорност, туку пасивен гледач кој живее надвор од реалноста.

И сигурно среќавате вакви луѓе кои за познати концепти не можат да прифатат дека има востановена вистина – цигарите, алкохолот, шекерот се штетни, гледањто во екран е опасно за деца, слетаа на месечината итн.

  1. Илузија на паметните (Епистемички упади)

Без фенси термини ова значи дека едуцираните и паметни луѓе мислат дека се експерти за се!

Инженер анализира геополитика. Лекар „деконструира“ медиумски наративи. Економист интерпретира меѓународно право.

Веруваат дека нивната интелигенција, едукација и вештини им овозможува лесно да ги „пробијат“ сложените вистини во други области.

Тие одат на форуми, читаат алтернативни извори и мислат дека вршат „анализа“. Во реалноста, тие само паѓаат во „зајачка дупка“ (Rabbit Hole Effect) каде алгоритмите им сервираат само потврда за нивните почетни мислења. Односно живеат во илузија дека знаат нешто повеќе од „масата“.

  1. Концептот на „Цинизам

Модерниот човек не е наивен – тој е циничен. Тој многу добро знае дека меинстрим медиумите имаат пропусти, но неговата реакција е радикална — наместо да бара подобар стандард, тој го отфрла самиот концепт на објективност. Ќе земам пример повторно со здравство за да биде по едноставно – наместо да бара подобро здравство, тој одлучува да не оди на лекар.

Да резимирам, дали се во право тие што велат „ништо не е вистина“? Не. Тоа е интелектуална мрзливост маскирана како критичко размислување. Вистината постои (фактите се факти), но патот до неа бара строга хиерархија на докази, бара систематична работа, бара вештини а не изедначување на коментар на форум со новинарски труд. Со други зборови, бара малку повеќе труд од рил на Инстаграм. 

Да, медиумите понекогаш се побавни од форумите или социјалните мрежи, но токму затоа, затоа што тие верифицираат, анализираат и систематизираат наместо да се глупираат без грам одговорност. Медиумите имаат кредибилитет, на нив им е важно дали ќе ги гледате и верувате. Медиумите всушност се единствените кои имаат директен интерес од нештото што е јавно да е вистина. Оној кој постира анонимно глупости на форуми , баш му е гајле дали утре ти пак него ќе го читаш е на медиумот му е гајле.

Оние кои завршуваат со заклучокот „сите лажат“ не дошле до вистината — тие капитулирале пред модерниот хаос од информации. Тоа е мрзливо и лесно.

Вистинскиот аналитички пристап не е да се гледаат „сите извори“ (бидејќи 90% се ѓубре), туку да се научи како да се измери тежината на информацијата.

Токму затоа сметам дека новинарството е најпотребно денес, кога има најмала доверба.

 

Вештачката интелигенција измисли вакцина?!
„Дигитална осаменост? Младите почесто разговараат за емоции со AI отколку со луѓе“