
ДИЦ (Државен испитен центар) останува во штрајк, по два неуспешни состаноци со надлежните министерства, со што останува под прашалник полагањето Државна матура.

За ДИЦ не бил прифатлив предлогот од Министерството за финансии за зголемување на платата од околу 1000 денари. Вработените во ДИЦ имале неуспешен состанок со МОН во четвртокот.
Денеска тие побараа од МОН да го измени календарот за полагање на државна матура. Велат дека нема да ги завршат обврските до 27 мај. Тоа е инаку терминот за полагање на првиот екстерен испит.
На прес конференција претседателката на синдикалната организација во Државниот испитен центар, Емилија Бошковска рече дека е невозможно да се постигнат датумите за полагање (27 мај и 10 јуни).
„Бараме министерот за образование да почне да разгледува и да преговара со нас кои се следните можни опции за нови термини за државна матура. Се надеваме дека ова пролонгирање нема да биде големо, но ќе зависи од одговорот на Министерство за финансии.
Не сакаме да им наштетиме на матурантите со какво било пролонгирање на резултатите, но веќе во прашање се минути, не денови“ рече Бошковска.
На прашањето кои би биле последиците за матурантите и нивното запишување на факултет, таа одговори дека не сакаат никого да оштетат.
Вработените, кои најголем дел имаат плата од околу 20.000 денари, бараат околу 25 % покачување.