Гласот на предците, денеска е преточен во истоимената книга напишана од Христијан Аџиоски, лектор и професор по македонски јазик. Го познаваме и како туристички водич со кој претходно патувавме и откривме непознати факти за Македонија, а денеска ќе поразговараме за неговата нова книга „Гласот на предците“.

Од каде идејата за ваква книга?
- Каде и да одам низ Македонија, секогаш тие што се со мене се „почестени“ да им раскажам некакво предание или некој интересен факт за местото каде што се наоѓаме. Иако свесен дека не секој ги интересира преданија за местата што ги посетуваат, сепак не пропуштам прилика да го раскажам тоа што го знам како некаков аманет да се пренесуваат народни умотворби како најсилна генерациска алка која ги поврзува предците со потомците. И во една таква состојба на долгогодишно преповторување исти преданија на различни личности, дојдов до идеја барем дел од таа ризница на умотворби да го запишам, за да можам да им раскажувам за Македонија и на луѓе со кои не би имал прилика да се сретнам. Книгата постои за што поголема достапност до македонското културно наследство и колку повеќе се шири, толку е поневозможно да биде проголтано од виорот на заборавот.
Христијан вели дека целата активност околу подготвување на зборникот траела околу две години, а самиот избор кои преданија и теми ќе влезат во зборникот се завршило за многу пократко време, неколку месеци.

Христијан Аџиоски
Од каде сè собираше информации?
- Додека го создавав зборникот, многу малку преданија вметнав кои токму во тој период ги имав првпат прочитано или слушнато. Најголемиот дел ми биле познати и тоа во различни форми и верзии, бидејќи едноставно приказните ми претставуваат толку голема пасија што поголеми се шансите за некои „понормални“ работи да немам познавање, но за предание кое барем на едно место се објавило – тешко.
Места во Македонија до кои се стигнува само по вода!
Христијан вели дека има повеќе омилени преданија, па не можеше да издвои само едно.
- Од волшебните со митолошки елементи интересно е преданието за пештерата Змејовица, потоа привлечни ми се и преданијата во кои се истакнуваат нови „откритија“ како што се поврзаните подземни води – конкретно преданието за Боговињското Езеро и изворот Рашче и сл. Од историските, омилени ми се преданијата за градот Тиквеш и за тврдината Пешта бидејќи зборуваат за извонредната храброст на македонското население во одбрана на својата земја, а од преданијата во кои се зборува за чудотворната моќ на светците можам да ги издвојам преданието за Свети Јован и Бигорскиот манастир и сите преданија поврзани со чудотворецот Свети Наум кои со генерации живеат во колективната меморија на целиот народ.

Дали очекуваше книгата да биде побарувана?
- Искрено немав никакви очекувања, единствено посакував да имам едно мое дело кое можеби ќе даде мал придонес кон трајно зачувување на дел од македонското културно наследство, а истовремено и самиот себеси да си подарам една духовна исполнетост.
Порака која сакаш да ја испратиш со оваа книга…
- Богатството на еден народ се гледа во тоа колку е богат со приказни! Секој народ што ги запишал и ги раскажува своите приказни, никогаш нема да исчезне. Раскажувајте ги приказните на вашите предци, така ќе им подарите вечност и на оние што ви ги раскажале.
Покрај оваа книга, Христијан е автор и на: книжевно дело со автобиографска содржина, книга наменета за помладата читателска популација – збир на бајки во коавторство во Ана Жежовска и стручна монографија која претставува детална анализа и преглед на демографските промени во македонските села од 1948 до 2002 година.
Можеби ќе ве интересира