ПO КАТЕГОРИИ
НАЈВАЖНО
ПО ИНТЕРЕС
ПО ФАКУЛТЕТИ
13.05.2026
Со рачни изработки, музика и акција младите од Црвен крст Штип покажаа како може да се менуваат животи

Хуманоста, солидарноста и желбата за промени повторно добија лице преку младите волонтери на Црвен крст – Штип, кои во рамките на проектот ПХВ 2026 („Промоција на хумани вредности“) успешно реализираа пет различни иницијативи насочени кон помош, инклузија, образование и заштита на животната средина.

Во текот на изминатите месеци, младинските тимови работеа посветено на проекти кои не само што оставија конкретен резултат, туку испратија и силна порака дека младите можат да бидат двигатели на позитивни промени во локалната заедница.

Преку проектот „Силна порака“ набавија потребни работи за дневниот центар „Порака“

Еден од проектите што привлече особено внимание беше „Силна порака“, каде младите во период од два и пол месеци организираа продажба на рачни изработки со цел да соберат средства за Дневниот центар „Порака“ – Штип. Нивниот труд резултираше со набавка на телевизор за центарот, а проектот покажа како преку креативност, упорност и тимска работа може да се реализира вистинска хумана мисија. Како што велат учесниците, „силната порака“ на овој тим ќе одекнува и во иднина.

Проект „Силна Порака“

Младите организираа бесплатни курсеви по македонски јазик

Посебен акцент беше ставен и на интеграцијата и образованието преку проектот „Мостови преку зборови“. Тимот реализираше повеќе од 40 работни часа, обезбедувајќи забрзан курс по македонски јазик за деца доселеници од Австралија, кои по преселбата го продолжуваат воспитно-образовниот процес во Македонија. Преку јазикот, младите волонтери создадоа простор за полесна адаптација, комуникација и прифаќање на новата средина.

Проект „Мостови преку зборови“

Покажаа како заеднички можат да функционираат македонската и турската музика

Мултикултурализмот и заедништвото беа во фокусот на проектот „Ритам без граници“. По неколкумесечна соработка со учениците од ООУ „Страшо Пинџур“ – Карбинци, беше организиран музички настан на кој се испреплетеа македонската и турската народна музика, ора и традиција. Настанот испрати порака дека различностите можат да бидат причина за поврзување, а не за поделби. Во шаренилото од носии, музика и игра, најмногу се издвојуваа насмевките на учесниците.

Проект „Ритам без граници“

Донираа и во средното училиште во Штип

Во меѓувреме, проектот „Free enter – училница“ работеше на обезбедување средства и уредување на училница во просториите на ДСУ-РЦСС „Коле Нехтенин“ – Штип. Со реализацијата на оваа иницијатива, училиштето доби нов функционален простор кој во иднина ќе може да прерасне и во сензорна соба, отворајќи можности за дополнителна поддршка и инклузивен пристап во образованието.

Проект „Free enter – училница“

Еколошки акции во основно училиште во Штип

Еколошката свест, пак, беше во центарот на проектот „Зелено училиште“, реализиран во ООУ „Славејко Арсов“ – Штип. Преку еко активности, обуки, квизови, велигденски работилници и изработка на предмети со рециклирање и реупотреба, учениците учеа како материјалите што на прв поглед изгледаат неупотребливи можат да добијат нова вредност. Проектот испрати силна порака за значењето на одговорниот однос кон животната средина уште од најмлада возраст.

Со реализацијата на овие пет проекти, младите од Црвен крст – Штип уште еднаш покажаа дека хуманите вредности не се само идеја, туку конкретна акција која остава трага во заедницата.

Проект „Зелено училиште“

 

 

 

Младите сѐ повеќе се заинтересирани за претприемништво и основање свој бизнис
Скопје домаќин на шестото издание на Скопскиот поетски фестивал од 7 до 9 мај