
Иницијативна средба за формирање на Национално собрание на млади согласно Законот за младинско учество и младински политики ќе се одржи утре (25.09.2025) во Скопје.
Средбата ќе се одржи во Хотел „Александар Палас“ со почеток во 11 часот.
Од Националниот младински сојуз на Македонија најавуваат дека меѓу другото ќе се говори и за функционалните механизми за активно младинско учество на национално ниво.

„Настанот претставува значаен чекор во процесот на воспоставување на Националното собрание на млади, предвидено со Законот за младинско учество и младински политики. Целта е, преку консултативен и инклузивен процес, да се дефинираат конкретни чекори и динамиката за финализирање на процесот и формирање на координативното тело кое ќе ја води подготовката на Националното собрание.“
На средбата се очекува учество на претставници од младински организации од целата држава, институции, меѓународни организации и релевантни чинители, кои ќе дискутираат за моменталната состојба, предизвиците и перспективите за унапредување на младинското учество на национално ниво.
Ќе биде презентиран проектот и прирачниците за Националното собрание на млади и Националното советодавно тело за младински политики. Исто така, ќе биде формирано Координативно тело за подготовка на Националното собрание за млади.
Настанот се организира во рамки на проектот „Функционални механизми за активно младинско учество на национално ниво“, кој е поддржан со грант Национална интервенција на регионалниот проект „СМАРТ Балкан – Граѓанско општество за поврзан Западен Балкан“, финансиран од Министерството за надворешни работи на Кралството Норвешка.