
Средношколци од средното училиште „Орце Николов“ се првиот македонски тим кој е дел од натпреварот F1inSchools-Word finals кој се одржа во Лондон. Станува збор за уникатен натпревар кој ги спојува науката, технологијата и спортот. Идејата е креација на мини тркачки болиди кои ќе симулираат тим на Формула 1.
Дизајнот на Ф1 мини болидот беше навистина долг и тежок процес, особено за млади личности како нас. Најпрвин, јас цртав скица на лист хартија, која понатаму Калин во 3Д софтверот „Autodesk Maya“ ја претвораше во вистински 3Д модел.
Следен чекор беше неговото тестирање во CFD софтвер кој детално ни го прикажуваше однесувањето на болидот при брзина приближна на 20m/s.
Последен чекор беше изработка на CNC машина, при која внимаваме моделот да биде прецизно изработен, со цел да се запазат перформансите.
Следното тестирање го вршевме на изработениот модел во воздушен тунел во лабораторијата за механика на флуиди под водство на проф. Виктор Илиев.
Финалното тестирање беше спроведено на вистинска патека со цел да видиме дали се крши количката или не, вели Мирослав Мишоски, заменик лидер на тимот.
Тимот на млади ентузијасти се вратија со големо искуство. Се надеваат дека следната година ќе се вратат и со награда. Тимот е составен од Марио Блажевски Блажевски, Мирослав Мишоски, Калин Јовановски и Мила Перинска и Никола Мишоски. Приказната за Гоце.мк ја раскажа Мирослав Мишоски. Младите дечки собрале тим, се обратиле кај професори од Машински факултет, собрале средства и достоинствено ја претставиле Македонија во Лондон.
Слушнете го интервјуто и уживајте. Браво дечки.

За натпреварот научиле сосема случајно, кога Никола како најголем фан на Формула 1, го забележал настанот на интернет.
„Се допраша со мене, како постар брат и одлучивме дека може да пробаме. Го контактирав Марио, па почнавме со подготовки.“, вели Мирослав Мишовски, заменик лидер.

Марио Блажевски (лево) Мирослав Мишовски (десно)
Со доаѓањето на Мила и Калин, се формирал целиот тим. Мила е единствена девојка во оваа машка група. Како што вели Мирослав, спортот Формула 1, се залага се повеќе за женско влијание, иако на сите ни е добро познат како машки спорт. Мила ја водела и маркетинг кампањата.
Како нивни ментори се јавуваат професор д-р Виктор Илиев, раководител на Лабораторија за механика на флуиди и хидраулични машини на Машинскиот факултет во Скопје и Стефан Митров, раководител на М3ДС академијата за 3Д дизајн и визуелни ефекти.
„Со креирањето на нашиот прв модел, сфативме дека ни се потребни компјутерски анализи. Ние самите не сме стручни за тоа, па затоа се јавивме Машинскиот факултет. Така стигнавме до професор д-р Виктор Илиев, како професионалец во својата работа. Со помош на менторот Стефан пак, Калин ги усоврши своите вештини во работењето.“, велат од тимот.
Овој млад тим,можеби со повеќе членови, следната година повторно ќе учествува на овој натпревар. Доколку сте фанови на овој спорт и сакате да сте дел од тимот, тогаш не ја пропуштајте шансата да ги исконтактирате. Тоа може да го направите овде.
Во продолжение преку фотографии, погледнете ја атмосферата на натпреварот во Лондон и целиот наш тим.






