ПO КАТЕГОРИИ
НАЈВАЖНО
ПО ИНТЕРЕС
ПО ФАКУЛТЕТИ
19.06.2026
Студентите ќе вежбаат интервенции, хируршко шиење и ургентна медицина: Што носи јубилејната ЕМСА школа во Охрид?
Автор: Goce Author

Што се случува кога стотици идни лекари ќе ги заменат учебниците со реални медицински сценарија и практична работа? Од 10 до 14 јули, Охрид ќе биде местото каде студентите по медицина ќе учат како да носат брзи одлуки во ситуации кога секоја секунда е важна.

Европската медицинска студентска асоцијација – ЕМСА Македонија ја организира 15-тата јубилејна Летна Школа по Ургентна Медицина, настан кој низ годините прерасна во една од најпрепознатливите и најочекувани студентски медицински едукации во земјата. За тоа што ги очекува учесниците ова лето разговараме со организациониот одбор на ЕМСА Македонија.

Автор на текстот: Александар Величков

Што претставува Летната школа по Ургентна Медицина и по што е препознатлива?

,,Летната школа е многу повеќе од класичен едукативен настан. Таа е комбинација од професионално надоградување, стекнување практични вештини и создавање спомени кои остануваат за цел живот. Веќе петнаесет години по ред успеваме да обединиме студенти по медицина од Македонија и од странство околу една заедничка цел – да станат подобри, поспособни и посигурни идни здравствени професионалци” – велат од тимот на ЕМСА Македонија.

Оваа година школата ќе се одржи од 10 до 14 јули во хотелот „Аквалина“ во Охрид, каде што учесниците ќе поминат пет дена исполнети со знаење, практична работа, инспирација и дружење.

Зошто практичната едукација е толку важна за студентите по медицина?

,,Денес медицината бара брзи одлуки, сигурност и способност за работа под притисок. Токму затоа студентите имаат потреба од многу повеќе од теоретско знаење. Нашата програма е фокусирана на практична работа, симулации и развивање реални клинички вештини, што претставува современ пристап и златен стандард во медицинската едукација” – посочуваат од организаторите.

Каква програма подготвивте за јубилејното издание?

Од Организациониот одбор на ЕМСА Македонија, велат дека оваа година програмата е исклучително богата. Учесниците ќе имаат можност да работат со врвни професори, специјалисти и експерти од Македонија и регионот, а меѓу работилниците се:

  • Ултрасонографија на тироидна жлезда, предводена од проф. д-р Синиша Стојановски;
  • Шиење на валвули, предводена од д-р Никола Христов од Клиничката болница „Жан Митрев“;
  • Анализа на комплексна и ургентна состојба – Акутен абдомен, предводена од деканот на Медицинскиот факултет при УКИМ, проф. д-р Светозар Антовиќ;
  • Третман на изгореници, предводена од проф. д-р Елизабета Мирчевска Жоговска;
  • Менаџмент во ургентни трауматолошки ситуации и педијатриско напреднато одржување во живот преку симулациска обука, предводени од Урош Зафошник, директор на Симулацискиот центар во Љубљана, во соработка со инструктори од Центарот за семејна медицина при Медицинскиот факултет во Скопје;
  • Ургентна тријажа, предводена од ас. д-р Никола Брзанов;
  • Работилница за хируршко шиење, предводена од н.сор. д-р Бисера Николовска, ас. д-р Гордана Георгиева и ас. д-р Благоја Србов;
  • Интравитреална терапија, предводена од спец. д-р Сашо Ѓоргоски од Специјалната болница за офталмологија „Деница“.

Покрај овие, ќе има и бројни други иновативни и интерактивни работилници кои им овозможуваат на студентите искуства што ретко можат да ги добијат во рамки на редовната настава.

Многу повеќе од едукативен настан

Оние кои барем еднаш биле дел од Летната школа знаат дека таа не се памети само по работилниците, велат од ЕМСА. Таа се памети по утринските кафиња што го започнуваа денот по долгите ноќи преплавени со насмевки за време на незаборавните забави, по разговорите што траат до доцна во ноќта, по заедничките предизвици, и по луѓето кои стануваат дел од вашата приказна, дополнуваат тие.

,,Се памети чувството дека си опкружен со млади луѓе кои делат соништа како твоите и кои веруваат дека медицината може да ја направат подобра. Во текот на овие пет дена, учесниците ќе уживаат и во бројни социјални активности, вечерни дружби и традиционалната Гала вечер, која секоја година претставува еден од најемотивните моменти на школата.” – истакнуваат организаторите од ЕМСА.

Колку време се подготвува ваков настан и што значи за организацијата?

,,Подготовките започнаа многу месеци однапред. Летната школа е доказ дека кога студентите добиваат можност да создаваат, можат да реализираат навистина големи работи. Нашата цел не беше само да организираме уште еден настан, туку да создадеме искуство кое ќе ги мотивира студентите да бидат похрабри, поамбициозни и посигурни во своите знаења и способности” – вели претседателката на ЕМСА, Ања Ангеловска.

,,Зад секој детал стои тим од млади луѓе кои вложуваат огромна енергија, време и ентузијазам. Најголемата награда за нас е интересот и довербата што студентите ни ја покажуваат од година во година”- додава Ања.

Каква порака испраќа јубилејното 15-то издание на оваа летна школа?

,,Петнаесет години традиција, илјадници стекнати вештини и безброј инспиративни приказни зборуваат сами за себе. Во свет каде што медицината постојано се развива, потребата идните лекари да бидат подготвени за предизвиците останува иста. Затоа оваа летна школа не нуди само образовна програма. Таа претставува инвестиција во идните генерации лекари, во нивното знаење, практични вештини и самодоверба” – велат од тимот на ЕМСА.

Ако судиме според ентузијазмот на организаторите, квалитетот на програмата и интересот на студентите и ова лето во Охрид ќе се создаваат приказни кои долго ќе се раскажуваат по завршувањето на последната работилница.

 

Последен училиштен ден: Почнува летниот распуст, а матурантите ги чека државната матура
Британска и македонска воена музика во Градскиот парк во Скопје