
Студентите ќе добиваат 20% попуст (и за купувања со средствата од студентскиот оброк) кај избрани оператори – најавени нови поволности преку „М-услуги“
Студентскиот оброк би можел да добие нова функција – покрај покривањето на трошоците за исхрана, да овозможи и дополнителни заштеди при купување.

Попустот би важел и за купувањата со средствата од студентскиот оброк и за дополнителните производи платени со сопствени пари, но конечниот модел сè уште се разработува.
Владата најавува воведување електронски модел преку „М-услуги“, со кој студентите би добивале 20% попуст кај операторите што ќе бидат избрани, вклучително и за производите што ќе ги купуваат со сопствени средства.
Студентскиот оброк останува 140 денари, нов модел-следната година
Мерката го најави премиерот Христијан Мицкоски, а дополнителните детали ги соопшти министерката за образование и наука, Весна Јаневска. Според нејзината изјава, попустот би се користел преку електронска апликација, картичка или ваучер за студентски оброк, при што поволноста би важела и за купувањата надвор од средствата наменети за оброк, кај операторите вклучени во системот.
Тоа значи дека студентите, покрај користењето на субвенционираниот оброк, би можеле да остваруваат дополнителни заштеди при купување во објектите што ќе бидат дел од мерката. Сепак, засега не е објавена конечна листа на оператори, ниту деталите за условите и начинот на користење на попустот.
Паралелно се најавува и зголемување на финансиската поддршка за студентски оброк. Премиерот потврди дека износот ќе биде зголемен, но точната вредност сè уште не е соопштена. Претходно се разгледуваше можноста месечната поддршка да достигне 4.500 денари, но таа сума засега не е потврдена како конечна.
Министерката Јаневска најави дека ќе разговара со новиот претседател на Универзитетското студентско собрание при УКИМ, а потоа и со претставниците на студентските собранија од другите универзитети, со цел да се усогласат ставовите пред финализирање на новиот модел.
Новата мерка, која е најавена како дополнителна поддршка за студентскиот стандард, отвора можност за поголеми заштеди, но останува да се види како ќе функционира во пракса, кои оператори ќе бидат вклучени и кога студентите ќе можат да ги користат најавените поволности.