
Министерството за образование и наука (МОН) го објави новиот Јавен повик за остварување на правото на субвенциониран студентски оброк за академската 2026/2027 година. Финансиската поддршка од 140 денари дневно е наменета за купување приготвена храна, а аплицирањето за сите редовни студенти започнува на 26 август.

Кој има право на субвенциониран оброк?
Право на аплицирање имаат сите студенти кои ги исполнуваат следниве услови:
Се државјани на Република Северна Македонија;
Се редовни студенти на прв, втор циклус или интегрирани студии на државните и приватните универзитети;
Немаат остварено месечен приход по кој било основа поголем од минималната нето-плата за тековната година.
Клучни рокови за пријавување
Главен рок: Од 26 август до 31 август 2026 година за сите тековни и новозапишани студенти.
Месечни рокови: За оние кои ќе го испуштат првиот рок или подоцна ќе ги исполни критериумите, пријавувањето ќе биде отворено од 1-ви до 5-ти секој месец, почнувајќи од октомври.
Исплатата на средствата започнува во месецот што следува по оној во кој е поднесено аплицирањето.
Како да се пријавите?
Пријавувањето е целосно електронско и се врши преку порталот e-uslugi.mon.gov.mk.
Пополнете ги обрасците: Пријава за стекнување со право на субвенциониран студентски оброк и Изјава за точност на внесените податоци.
Потпишете ги обрасците и прикачете ги на порталот.
Проверете го статусот на апликацијата во менито „Мои апликации“.
Доказите од МВР, УЈП и студентските служби ги обезбедува МОН по службена должност.
Како се користат средствата?
Наменска картичка: Сите одобрени студенти мора да потпишат договор со Шпаркасе банка АД Скопје за отворање посебна сметка и издавање наменска платежна картичка. Отворањето сметка и картичката се без трошоци.
Дневен лимит и правило: Средствата од 140 денари може да се користат од понеделник до сабота. Неискористениот износ за одреден ден останува достапен за трошење до крајот на тековната седмица (заклучно со сабота).
Каде се троши: Картичката важи исклучиво кај правни лица кои произведуваат, подготвуваат или продаваат храна.
Исклучоци: Средствата не се доделуваат во периодот од 1 јули до 1 октомври, како и за време на државни празници и неработни денови.
За сите дополнителни прашања, МОН обезбеди техничка поддршка преку е-пошта: subvencioniran.obrok@mon.gov.mk.