
Барањата и потребите на студентите кога станува збор за студентско сместување се чини не се менуваат со години.
Така, слично како и пред на пример триесетина години, и сега студентите кога е сместувањето во студентски домови во прашање бараат затоплени простории, повеќе приватност ( по помалку лица во соба), тоалети во собите, а не заеднички, библиотеки и читални со квалитетни услови и нормално, квалитетна исхрана. Ова го потврдија и одговорите од анкетата која goce.mk ја реализираше во соработка со универзитетските медиуми на УГД, на тема студентско сместување. Колку нештата се поместиле напред – ако се земе предвид според барањата и забелешките на студентите, не многу. Но сепак, дека условите не се баш такви како пред триесетина години, потврдува и самата посета на дел од студентските домови во државата, но фактот дека подолго време инвестициите се најчесто во реновирање, а нов студентски дом не е изграден од изградбата на новата зграда во „Стив Наумов“ во Скопје кажува дека треба многу повеќе. Сепак, новите студентски домови засега се ниско на агендата на оние кои одлучуваат, а студентските организации се добива впечаток немаат толкава моќ за да имаат клучна улога во лобирањето и издејствувањето на одлука за нови студентски домови.
Во Македонија и понатаму Скопје останува како најголем центар во поглед на капацитетот на легла во студентските домови, додека во останатите центра капацитетот е помал и голем дел од студентите престојуваат во приватно сместување. Капацитетите во услови пред пандемијата, кога имаше настава со физичко присувство, се исполнуваа, и постојано го имаше и притисокот и барањето за место повее, што ја потенцира потребата од изградба на нови студентски домови, можеби најмногу во Штип, каде функционира второрангираниот универзитет во Македонија, УГД.
За состојбите и предизвиците во поглед на студентското сместување, во емисијата „Соба за дискусија“ разговараме со директорот на Државниот студентски дом Скопје, Виктор Велевски, а во емсијата ќе ги видите и размислувањата на првите луѓе на Сојузите на студенти на УКИМ и УГД, Ева Цветковска и Мирко Наџаков.