
Бојан Мицев е современ танчер кој моментално е вработен во танцовната компанија при Театар Оснабрук во Германија. Тој е активно посветен и работи на проекти во Македонија, како и на афирмација на македонската култура во странство. За развојот на танцот и културата и подобрување на условите во Македонија, тој вели дека треба да се изготви детален план и промена на системот за да се овозможат доволно работни места и соодветни услови за танчерите.

Фото: Oliver Look
Воведувањето на реформите треба да започне уште во основните училишта преку воведување на танцот како редовен предмет. Досега, можност за часови и запознавање со танцовата култура, децата имаат само преку неформални и воннаставни активности.
“Системот обучува професионален кадар за современ танц во дури два универзитети, но нема решение за обезбедедување на работно место за истите. Сметам дека ова е најприоритетниот реформски зафат што треба да се имплементира во нашата дејност, и со поддршка од Министерството за култура и туризам да се изготви план за отварање на работни места и соодветни услови за современите танчери.“, вели Мицев.
Промените треба да се имплементираат и на ниво на самото Министерство за култура и туризам преку поддршка и приоритетизација на танцово-уметничките содржини како претстави, фестивали и современи танцови продукции.

„На младите кои веќе навлегле во оваа сфера и се на пат да се изградат како уметници во областа на современиот танц треба да им се пружи шанса да се реализираат во државата, да имаат работни места и да ја градат својата кариера во Македонија. Додека младите кои допрва се запишуваат на танц, сметам дека таму треба да се алудира повеќе кај родителите. Тие имаат големо влијание врз развојот и одлуката на детето. Во момент на пројавување на таква желба, треба да го охрабруваат дека тоа е професија како и во сите други уметнички сфери, а ако не се задоволни од просперитетот на таа дејност, географската граница не треба да биде пречка за реализација на сонот на еден човек.“, вели Мицев.
Мицев, љубовта кон танцот ја развил уште од мали нози, а самото учество во разни танцови школи, натпревари, концерти и настапи биле клучни за детерминација на неговиот кариерен пат.
Во досегашната негова кариера тој имал можност да посети многу држави, но најголем впечаток му оставила кореографската резиденција во Санкт Петербург во Русија, јули 2023 година.

По пат на отворен јавен повик и во финална селекција на 3 кореографи од светот му била укажана можност да работи со руски студенти од престижната балетска академија “Boris Eifman Dance Academy” и да направи 2 кореографски дела. Со истите се претставил на премиерната изведба во најстариот национален театар во Русија “Александринский театр” во склоп на фестивалот “Global Values” во организација на компанијата Иннопрактика.
„Тамошната политичка ситуација, иако поттикна сериозно двоумење и страв, не беше пречка да се втурнам во нова авантура и да откријам, разберам едно ново културно поднебје. На прашањето зошто го издвојувам ова, ќе кажам дека бев исклучиво изненаден од нивниот однос, влог и почит кон танцот и културата воопшто. Покрај организираните културни програми, посета на најпрестижните театри, музеи, палати во сржта на Санкт Петербург, видов дека тие многу одамна сфатиле дека културата е водилка на еден народ, додека нам во Македонија ќе ни треба уште многу време да изградиме таков однос спрема културата.“, вели Мицев.