
Туризмот по пандемијата се соочи и со војната како дополнителен удар, па закрепнувањето оди тешко. Но, еден интересен и донекаде неочекуван тренд е белег на постпандемискиот туризам – туристите, ослободени од стегите на пандемијата, трошат повеќе!
Лоши вести не недостасуваат: корона пандемијата сè уште не е смирена, а војната среде Европа веќе започна. Многумина во овие времиња копнеат по мир и релаксација, но прашање е колку туристички дестинации се достапни за луѓето ова лето?
Две години пандемија има долготрајни последици за многумина. Покрај основните прашања како што се животот и смртта, многумина се плашат за својот живот за време и по пандемијата и се грижат дали ќе можат да ја задржат својата сегашна работа и начин на живот. И штом малку се смирија стравовите поврзани со пандемијата, дојде нова закана: војната во Украина.
Затоа и не е чудно што многумина сакаат да избегаат од секојдневието, барем на кратко, барем по некоја цена, за барем малку да бидат исклучени од негативните вести. Многумина успеваат, но многумина не. Затоа што сите тие кризи не го поштедија ниту туризмот.
Секој кој моментално бара авионски билет често се прашува: зарем не беше забележително поевтин? И често одговорот на тоа прашање е да. Причина за тоа, меѓу другото, е и поскапувањето на керозинот.
„Не само возачите на автомобили, туку и авиокомпаниите го чувствуваат растот на цената на нафтата“, изјави за ДВ Јохана Тилман од „Кондор ерлајнс“. Друга причина е зголемената побарувачка, што секако влијае на растот на цените
На ова треба да се додаде фактот дека хотелите мака мачат со зголемените цени, не само на горивото и храната, туку и на работната сила. За време на пандемијата, многумина кои беа вработени во угостителството и туризмот беа принудени да бараат нови работни места каде што останаа. Затоа туристичката индустрија сега „плаче“ за работна сила, а сите овие зголемени трошоци сега се одразуваат и на цените на хотелските соби.

Според информациите на интернет порталот за споредба на цените „Чек24“, годинава поскапеле пакет аранжманите. Просечното двонеделно патување до омилениот шпански остров Мајорка е за 17% поскапо оваа година. А најскапи дестинации беа оние кои порано се истакнуваа по поволни цени, како оние во Турција.
„Во познатите туристички места како што се Сиде и Аланија, аранжманите поскапеа за 45 отсто“, изјави за ДВ Мартин Сиер од порталот Check24.
Меѓутоа, германската асоцијација за туристичка економија (DRV) укажува на друг феномен: по две години принудни заштеди кога станува збор за патување, германските граѓани сега се едноставно подготвени да потрошат повеќе.
„Оние кои порано резервираа само ноќевање со појадок, сега резервираат полн пансион или популарниот All Inclusive. Тие што престојуваа во хотел со три ѕвезди, сега резервираат хотел со четири ѕвездички. И остануваат неколку дена подолго од порано. “, вели портпаролот на DRV, Торстен Шефер.
Истиот тренд беше забележан и во „Луфтханза“.
„Во моментов е тешко да се дојде до билет за бизнис и прва класа. Тие категории се претежно пополнети до последното место на повеќето летови, најмногу до туристичките дестинации во Шпанија, Грција и Турција“, рече Бетина Ритенбергер, претставник на Германска авиокомпанија.
Торстен Шефер посочува дека цените на оние пакет-аранжмани што компаниите ги купија минатата година, кога цените на капацитетите беа поповолни, се уште се стабилни. Но, ако се работи за капацитетите што компаниите ги купија годинава, цените се значително повисоки.
Оние кои се подготвуваат за одмор, покрај цената на сместувањето и превозот, треба да размислуваат и за непансионална потрошувачка. По правило, рестораните, кафулињата и клубовите во популарните европски туристички дестинации исто така ги зголемија цените. Но, најголем пораст на цените бележат автомобилите за изнајмување. Порталот „Чек24“ објави дека просечната цена на изнајмен автомобил е повеќе од двојно зголемена во однос на 2019 година, годината пред короната. Додека просечната цена во 2019 година беше 34 евра, сега се искачи на 74 евра.
А кога ќе се реши проблемот со цената, луѓето кои сакаат одмор треба да се соочат со дополнителни проблеми кои ги засегаат сите, без разлика дали летаат во прва класа или не. Сите поголеми авиокомпании и аеродроми најавуваат сообраќаен хаос за летото. Причина: недостаток на персонал на аеродромите. Холандската авиокомпанија KLM го намали бројот на летови и билети поради проблеми на домашниот аеродром Шипхол во Амстердам.
И засега никој не се осмелува да предвиди колку време ќе помине додека туризмот не закрепне од потресите од последните години.