Дали знаевте дека во Македонија има места до кои можете да дојдете само по вода? Не само што ги има, туку се и значаен дел од убавините на Македонија!
Денеска повторно се дружиме со Христијан Аџиоски, туристички придружник и водич и дипломиран професор по македонски јазик кој ќе ни каже каде може да пловиме низ Македонија.
Откако ги запознавме неверојатните убавини и малку познати факти за Македонија, денеска со Христијан ќе откриеме кои се местата во нашата земја каде што може да стигнете само по воден пат и зошто треба да ги посетите.
Ако патувате по областа Дримкол, од Струга кон Дебар, од десната страна ќе го видите единственто село во Македонија до кое се стигнува само по воден пат.
Селото Глобочица кое се наоѓало на десниот брег на Црни Дрим и броело околу 460 жители, во 1965 година е целосно потопено и на негово место е изградено истоименото вештачко езеро „Глобочица“. Судбината си поиграла со овие луѓе кои за сметка на нечии државни високи цели биле населувани во околните градови, а целата прадедовина им се удавила во водите на новото кривулесто езеро со необична зелена боја.
Но за кратко време, љубовта кон родното огниште жителите повторно ги вратило назад, на истото место, на брегот на езерото, каде што повторно си изградиле село. Таму каде што им е откорнат коренот, повторно да пуштат корен. Се зборува дека потопената селска црква „Свети Илија“ од XV век стои недопрена на дното на езерото, а во 2012 година нуркачки тим ја извадил камен-плочата и жителите ја вградиле во новата црква „Свети Илија“ која била осветена во 2014 година.
Денес, до селото Глобочица се стигнува само по воден пат, односно кајчињата се единственото превозно средство кои ги префрлуваат мештаните до новите изградени куќи на другата страна на брегот.
Во јужниот дел на Македонија, на брегот на Тиквешкото Езеро се наоѓа средновековниот манастир „Свети Ѓорѓи“ познат и како Полошки манастир, бидејќи се наоѓа во атарот на некогашното село Полошко. Манастирската црква е единствениот објект во Македонија наменет како црква-мавзолеј, во која бил погребан Јован Драгушин на однапред одбрано место за таа цел. Црквата е изградена во 1340 година од неговата мајка деспотиса Марија и според тоа, претставува еден од најстарите христијански храмови во околината на Кавадарци.
По создавањето на Тиквешкото Езеро копнениот пат по долината на реката Црна е целосно потопен и денес до манастирот може да се стигне само по воден пат. Најблиската релација за поаѓање кон манастирот е брегот на езерото југозападно од селото Ресава од каде што се врши превоз со приватни бротчиња. Целото патување трае околу час и половина во еден правец. Посетеноста на манастирот е најголема за патрониот празник – Ѓурѓовден и при празнувањето на манастирскиот празник посветен на Успение на Пресвета Богородица.
И во охридскиот крајезерски регион има потреба од кратка пловидба за да се откријат сите чуда на природата и средновековниот културен дострел. Јужно од селото Трпејца, на самиот брег на езерото се наоѓа црквата Света Богородица Заумска изградена во 1299 година – позната и како Свети Заум. Станува збор за многу тешко пристапно место под карпест гребен на Галичица на надморска височина од 695 метри. Веднаш над самата црква од исток се издигнуваат стрмни карпи, додека во непосредна близина на запад се наоѓа и местото со најдлабоката точка на Охридското Езеро. Поради тоа, до црквата се стигнува само по воден пат со чамец, најблиску од селото Трпејца.
Во поново време за потребите на изградбата на манастирскиот конак е пробиена делумна пешачка патека низ шумата, а дел од пешачењето мора да се помине во езерските води или истите да се препливаат.
Според легендата, црквата била изградена како завет на некоја царица, која три години предела конец и заминала со чамец на сред езерото за да ја измери неговата длабочина.
Но, наеднаш мирното и тивко езеро како да сакало да ја одврати во намерата, та се разбеснило и разбранило со бранови високи како планини кои се заканувале да го превртат и потопат чамецот на царицата и нејзината придружба. Царицата се уплашила и паднала на коленици да се моли на Бога да ја избави од разбеснетото езеро, ветувајќи дека ќе изгради манастир на местото на коешто ќе ја избави од езерото. Штом го дала тоа ветување, брановите започнале да се намалуваат и езерото да се смирува, со што жената довеслала до брегот и рекла: „Уште еднаш ‘за ум’ нека ми биде ова, што ми требаше да го мерам езерото“. Веднаш дала заповед на тоа место да се изгради манастир кој го нарекла Заум, поради големиот страв што го преживеала, така да го гледа и да го памети оти ќе се удавела. Преданието вели, дека манастирот стои на брегот под стрмните карпи кај што е најдлабокиот дел од езерото, „за ум“ на секој човек што ќе оди таму да се чува и да не влегува во него.
Кајчето претставува единствениот превозник и до неколку езерски и речни острови кои ги има низ Македонија.
Најголемиот, а воедно и единствениот на природно езеро е островот Голем Град на Преспанското Езеро. Поради изобилството на змии кои се и најбројни жители на островот наречен е и Змиски Остров. A поради единствената сочувана црква „Свети Петар“ од XIV век, неретко се нарекува и Свети Петар. Островот не е населен и со своите 900 м. должина и 600 м. ширина прогласен е како строг природен резерват, а од 2008 година станува дел од националниот парк Галичица и е отворен за посетители. Најблизок воден пат до оваа природна тврдина е околу четири километри пловење од селото Коњско, во близина на македонско-албанското пограничје.