ПO КАТЕГОРИИ
НАЈВАЖНО
ПО ИНТЕРЕС
ПО ФАКУЛТЕТИ
10.11.2023
„Ученички се продаваат за пари”: Детскиот криминал во Тетово е алармантен
Автор: Goce Author

Ученички кои се продаваат за пари, пиштоли во училиштата, употреба на дрога, кражби, зголемено учество на децата во криминал. Ова се само дел од девијантните однесувања на учениците во Тетово. Состојбата дополнително ја влошува и несоодветната меѓуинституционална соработка, недостигот на психолози во училиштата, незаинтересираноста на родителите за своите деца и друго. Сето ова беше истакнато вчера на работилницата на тема „Улогата на образовните институции и општината во превенцијата на детската деликвенција“, пишува Порталб.мк.

На оваа работилница се истакнаа и предизвиците кои Општинскиот Совет за превенција на деликвенцијата кај децата во Тетово треба да ги третира во иднина. Претседателката на овој Совет, Блерта Ахмеди, истакна дека децата треба да се запознаат со негативните ефекти на овие однесувања, затоа што статистиките се алармантни.

„Ситуацијата е алармантна, имаме висок број на деца од двата пола кои се корисници на дрога, но и продавачи на дрога. Што се однесува до возраста, не само тие на возраст од 14 и повеќе години, туку имаме и категории на деца кои се помлади од 14 години. Според податоците што ги добивме од СВР Тетово и Основниот суд Тетово, има деца на возраст од 11 години кои се сторители на кривични дела, насилство, тешки кражби и слично“, рече Ахмеди.

Проблемите кои се истакнаа во оваа работилница беа вознемирувачки. „Има ученички кои се продаваат за пари”, рече една претставничка од училиште. „Во училиштата има оружје”, рече претставничка од друго училиште. Претставниците на училиштата во Општина Тетово истакнаа дека нема добра меѓуинституционална комуникација и соработка. Директорката на ОУ „Кирил и Методиј“, Сихана Каба Касами истакна дека треба повеќе да се работи со децата, но дека тоа не зависи само од училиштата и родителите.

„Имаме проблеми во комуникацијата помеѓу училиштето и Заводот за труд и социјална политика, случаите се пријавуваат редовно, но таму пријавите се разгледуваат со големо задоцнување. Проблемот е што училиштата сè уште немаат психолог, ова е голем недостаток за кој треба да им се укаже на владините функционери“, рече Каба Касами.

Таа нагласи дека случаите на користење на дрога и проституцијата кај малолетните лица не треба да премолчуваат, туку да излезат на површина што е можно побрзо.

„Мораме да бидеме внимателни сите, а случаите не треба да се кријат од страв дека нас како управа може да ни следи некаква казна. Тоа што е важно е да се спасат децата… Ние како училиште не сме тука за да казнуваме некого, ние сакаме да преземеме мерки за да ги спасиме децата“, рече Каба Касами.

Од училиштата истакнаа дека имаат недостиг од психолози, а во некои училишта воопшто и нема психолог.

Целиот текст најдете го на: Мета.мк

500 дечиња ќе трчаат на првата детска трка во Штип
Млади волонтери организираат хуманитарни концерти, работат со социјално загрозени и лица со интелектуална попреченост, а придонесуваат и за почиста околина во Штип