
Универзитетот „Гоце Делчев“ – Штип порача дека има нулта толеранција за корупцијата, откако вчера беше лишена од слобода професорка осомничена за примање поткуп од студент.
Од Универзитетот преку официјално соопштение истакнуваат дека во академската заедница нема место за лица кои ја злоупотребуваат својата позиција, го нарушуваат интегритетот на образованието и ја изневеруваат довербата што им е доверена.
„Како Универзитет имаме нулта толеранција за корупција. Во академската заедница нема место за никој што ја злоупотребува својата позиција, го нарушува интегритетот на образованието и ја изневерува довербата што му е дадена“, се наведува во реакцијата на УГД.

Од Универзитетот нагласуваат дека целосно ги поддржуваат активностите на надлежните институции во борбата против корупцијата и оценуваат дека само професионални, законити и неселективни постапки можат да доведат до откривање и санкционирање на ваквите појави.
Во соопштението е упатен и директен повик до студентите, вработените и сите кои имаат сознанија за корупција да не молчат.
„Ги повикуваме сите кои имаат сознанија за корупција или други незаконски дејствија да не молчат. На Универзитетот постојат воспоставени механизми за пријавување на вакви случаи и секој може без страв да ги искористи. Истовремено, ги охрабруваме сите ваквите сознанија директно да ги пријавуваат и до надлежните институции“, велат од УГД.
Според Универзитетот, само со навремено пријавување, професионално постапување и доследно почитување на законите може да се изгради систем во кој знаењето, чесноста и личниот интегритет ќе бидат единствени критериуми за успех.
Реакцијата на УГД следува откако Министерството за внатрешни работи соопшти дека на 29 јуни во Штип била лишена од слобода 39-годишна професорка, осомничена за кривичното дело „примање поткуп“.
Според информациите од МВР, случајот бил пријавен од 26-годишен студент од Турција со привремен престој во Штип, кој навел дека професорката побарала 300 евра за да положи испит што требало дополнително да го полага.
Во координација со Основното јавно обвинителство – Штип, на студентот му биле предадени три крим-технички обработени банкноти од по 100 евра, а полициските службеници ја лишиле од слобода осомничената веднаш по примањето на парите. Таа е задржана во полициска станица, а по целосно документирање на случајот ќе биде поднесена соодветна кривична пријава.