
Таман помисливме дека наставата се враќа во нормала, после две години празни училишни клупи и дискутабилно „седење“ пред компјутер и на учениците и на наставниците, енергетската криза се заканува да го врати времето на онлајн настава.
Колумна

Image by Drazen Zigic on Freepik
Се повеќе училишта во Македонија најавуваат подолг зимски распуст, онлајн настава, ако Владата не им помогне да ги платат сметките за струја за училиштата. Нормално, тоа доведе до за наши услови очекувана и добро позната реторика на релација Влада – општини, посебно со оглед на политичката констелација. Така, општините бараат од Владата, таа вели за тоа се надлежни општините и си добиваат дотации за таа намена, а сето тоа пак им дава ветер во грб на нереалните и нелогични барања за онлајн настава.
Најголемата штета, се разбира, ќе ја трпат учениците, но и голем дел од родителите. Ученици како ученици, се радуваат дека ќе седат два месеци на зимски распуст, се радуваат дека пак ќе можат да остават вклучен компјутер без камера (оти нешто не им работи камерата), и да се на онлајн настава во некое кафуле. Се чини, најмалку се мисли на штетата која обвие генерации ќе ја почувствуваат во своето образование, но и на ситуацијата во која ќе се најдат многу семејства. Тоа што децата ќе бидат дома, и дека општините ќе заштедат на сметките за електрична енергија, ќе значи дека сметките на семејствата драстично ќе се зголемат, и товарот ќе падне на овие семејства.
Апсурдно – граѓаните издвојуваат преку даноци, придонеси, го полнат буџетот, за да имаат меѓу другото и квалитетен образовен систем и нормални услови за своите деца додека се на училиште, но сега, кога дојде кризата, товарот пак треба да го поднесат тие, двојно! Ќе плаќаат повисоки сметки за струја, оти општините и државата не можат да ги платат оние на училиштата, а ќе мислат и кој да им биде со децата додека тие се на работа. Владата и општините имаат свои аргументи – Владата вели дека за плаќање на сметките за електрична енергија во училиштата на општините им префрла дотации, општините велат дека тие дотации не се зголемени соодветно на растот на цената на струјата и не се доволни. И, решението едноставно – подолг распуст и онлајн настава! Дел од стручните лица сметаат дека ова ќе биде момент кој во иднина ќе се почувствува кај генерациите кои сега се образуваат.

Image by Freepik
Повторно затварање на училиштата и онлајн – настава ќе донесе само штета за учениците, која можеби нема да биде веднаш видлива, но затоа ќе биде трајна, алармираат експертите кои се занимаваат со психолошкото здравје на младите.
Психолозите и педагозите посочуваат дека Министерството за образование треба да направи подлабока анализа за престојната состојба и како тоа ќе се одрази врз психолошкиот живот на децата. Велат дека последиците од онлајн-наставата кај учениците е згомено насилство, недостиг на внимание и концентрација, намалена мотивација за учење.
Ако Владата и општините останат на истите ставови (вчера Владата не ни расправала за барањата на некои општини за затворање на училиштата во зимскиот период), учениците и родителите ги очекува неизвесен период. Училиштата, наместо последни, веројатно први ќе ги почувствуваат последиците од енергетската криза, а како и кога ќе ги почувствуваат учениците кои трета година немаат нормална настава, ќе покаже некое идно време.