
Летањето со спортски авиони може да биде многу возбудливо за оние кои не го правеле тоа. Екипата на Гоце.мк имаше прилика да изврши еден информативен лет во клубот Rimin Air од Штип. Клубот функционира неколку години, а основач е професионалниот пилот Раде Ивановски и неговото семејство. Раде е пилот на комерцијални летови веќе 35 години. Има летано насекаде во светот за најреномираните авио компании. Пред неколку години се врати во Штип и го формираше клубот кој нуди можност да се запознаете со летањето, но и да се стекнете со лиценца за пилот.
Информативен лет може да изврши секој кој е заинтересиран за летањето и авијацијата. Овие летови се можност луѓето да видат дали ги интересира овој спорт и дали некогаш во иднина можеби и ќе се стекнат со лиценца за летање или ќе се занимаваат со ова. Инаку, секогаш е отворена можноста во случај на потреба да се изврши и лет до некоја дестинација во Македонија или регионот. Екипата на Гоце.мк го направи информативниот лет над Штип заедно со пилотот Никола Ивановски и искуството ви го пренесуваме преку видео.
Летањето навистина може да биде многу забавно и интересно искуство. Според двајцата професионални пилоти од Римин Еир, стекнувањето на лиценца е процес кој трае неколку месеци и овозможува после тоа кандидатот да може самостојно да одлета каде и да посака. Навистина е интересна идејата да се стекнете со лиценца за летање и после тоа со своето семејство да летнете на одмор во Охрид или пак во Грција.