
Турските собирачи на смет во Чанкаја, Анкара неколку години се предмет на интерес на јавноста во светот. Некое време ги собирале книгите кои луѓето ги фрлаат непотребно и од нив направиле убава библиотека која служи за едукација на персоналот и нивните семејства. Низ годините имаат собрано преку 20.000 книги кои ги класифицирале по жанрови и ги ставиле во својата библиотека.

Сите ние можеме да најдеме по некоја книга речиси секојдневно. Тие книги ги сместуваме во нашите простории каде можеме дополнително да се едуцираме, вели Гувен Акин, работник во фирмата за собирање на смет.
Целата приказна започнала токму од работниците на терен, оние кои директно го собираат сметот. Тие ги препознале некои од изданијата и дошле до идеја дека книгите не треба да се фрлат или уништат, туку дека можат да се употребуваат. Сега и самите жители се навикнати и книгите ги оставаат во посебни вреќи за да може да функционира оваа, веројатно единствена библиотека од ваков вид во светот.