
Владата и СОНК ги потрошија првите десет дена од рокот предвиден за постигнување решение без да се договорат.
Со ова, според Законот за мирно решавање на спорови, на двете страни им остануваат уште десет дена, по што, ако не се постигне договор, штрајкот на СОНК ќе се активира.
Вчера се одржа работната средба меѓу СОНК и МОН, по електронски пат, во рамките на десетдневниот рок за помирување, за усогласување на платите на вработените во дејностите основно и средно образование, со пораст на минималната плата на национално ниво.
По одржаната средба, СОНК излезе со соопштение во кое стои дека неминовен бил заклучокот дека двете страни на колективниот работен спор имаат потреба од поголем временски период од 10 дена, под покровителство на назначениот помирувач од Министерството за труд и социјална политика, а во рамките на рокот согласно член 27 од Законот за мирно решевање на работни спорови, со оглед на фактот што, како што наведуваат од СОНК, преговорите се движат во нагорна линија.
Со оваа препорака, појаснуваат од СОНК, предвидено е во дополнителните 10 дена, да се утврди процентот за усогласување на платите на вработените во дејностите основно и средно образование, како и дефинирање на крајни рокови за склучување на новите колективни договори за основно и средно образование.
„Содржината на препораката се утврдува со цел во понатамошните преговарања да не се почнува одново, туку од таму каде што е постигната согласност, а со цел изнаоѓање на оптимално решение за страните, во насока на одговорно разрешување на настанатиот спор“, соопшти СОНК.
Во меѓувреме, наставата во училиштата продолжи, а меѓу наставниците и членовите на СОНК и понатаму има реакции против Одлуката на СОНК штрајкот да се стави во мирување. Во претходниот период, Владата понуди зголемување на платите во образованието од јули од 10, па од 12 %, но членството на СОНК овој предлог не го прифати. Барањето од почеток е зголемување од 18,4 %, односно нивно усогласување со зголемувањето на минималната плата, која со владина одлука беше зголемена од 15.200 на 18.000 денари.