ПO КАТЕГОРИИ
НАЈВАЖНО
ПО ИНТЕРЕС
ПО ФАКУЛТЕТИ
17.09.2021
Младите во политиката за да го променат системот, да ја подобрат иднината или само за да се вработат?
Автор: Goce Author

Автори на текстот: Маријана Николова и Кристијан Трајчов

Во секое општество се потребни промени во многу сфери. Многу пати, младите се оние кои ги прават промените, тие носат енергија и борба. Разговаравме со четворица млади за тоа зошто тие се политички активни, кон што се стремат и која е нивната цел.

Никица Бачовски уште од неговата младост пројавува интерес за политиката, а тоа можеби е и главната причина за да магистрира на Правниот факултет при УКИМ, Скопје. Таа пасија и желба за да внесе промени во општеството на директен или индиректен начин се одразија сега, кога ја врши функцијата на директор во агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој. Тој е долгогодишен член на СДСМ, од своите средношколски денови.

Бачовски објаснува дека посебно се интересирал за политика која античките филозофи ја дефинирале како процес во кој група на граѓани донесуваат заеднички одлуки.

Никица Бачовски

‚‚Во моите студентски денови, паралелно Македонија поминуваше низ ужасен период од политичка и демократска смисла. Инциденти во собрание, меѓуетнички тензии, полициско насилство врз студенти и сето тоа беше иницијалната каписла за моето лично вклучување во општествените случувања. Прво во невладиниот сектор, а оттаму и во политиката. Така, на неполни 25 години станав дел од кабинетот во Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство со задача – подобрување на имплементацијата и апсорпцијата на европските фондови за земјоделството и руралниот развој‘‘.

Според него, секоја управувачка структура треба да даде шанса на младите луѓе.

‚‚Давање шанса на млади луѓе за нас е огромно задоволство, но и обврска да се истакнеме со нашата работа и способности. Амбициозноста на младите луѓе е шансата да се поместат работите од мртва точка. Младите се онаа авангарда која е најгласна кога станува збор за почитување на туѓото мислење, животната средина, правдата, состојбата со економијата. Едноставно, општествените случувања нѐ научија да бидеме постојано критички настроени, пред сѐ во позитивна смисла – и тоа е надежта за подобро утре, подобро секојдневие‘‘.

Во однос на тоа дали младите се вклучуваат во политиката поради стриктно личен интерес или се со цел да направат некакви промени, тој вели дека секогаш треба да се тргне само од мислата дека вклучувањето е за да се промени нешто, а понатамошниот ангажман ќе покаже дали тоа е навистина така.

Ратко Костов е млад граѓанин којшто првите три години од неговото средно образование ги завршил во гимназијата во Радовиш, а последната година во Скопје. Тој тренира џудо 11 години каде бил дел од репрезентацијата на Македонија и три пати  бил спортист на годината во Радовиш. Денес, тој е студент на ФИНКИ и се занимава со маркетинг на приватни фирми. На претстојните локални избори во Радовиш, тој ќе биде кандидат за советник на независна листа.

Револтот кон начинот на функционирање на политичките партии е неговата главна причина поради која се вклучува во локалната политика.

‚‚За жал, овде во Македонија на многу невкусен начин ни е претставена политиката до тој степен што ако се слушне зборот политика или политичка партија, станува одбивно, но не значи тоа дека ние треба да се оддалечуваме од неа, напротив треба да се активираме и колку можеме да придонесеме бидејќи ако не се активираме само оставаме простор сѐ повеќе да бидеме манипулирани. Јас, лично не се гледам во политиката надвор од нашата Општина, но чувствувам одговорност кон идните генерации дека треба да им оставиме подобра заедница од онаа во која што живееме ние. Сметам дека образованието е клучната алатка во развојот на младите и затоа треба да создадеме новитети во рамките на локалната можност кои ќе ги подобрат условите на учениците. Како и во образованието, така и во спортот, сметам дека има голем простор за работа каде би можеле да создадеме подобри услови и можности за негов развој‘‘.

Ратко Костов

Неговата цел е да биде мегафон на гласот на младите и канал кој ќе биде достапен за секоја млада личност за претставување на идеи или забелешки пред локалната власт. Со тоа, тој сака да придонесе за реализација на проекти и решавање на проблеми кои реално би влијаеле и би го подобриле квалитетот на животот на младите. Очекува повеќе млади да придонесат со нивните идеи и креативност за да се создаде еден подобар Радовиш.

Костов за гоце.мк рече дека во нашето општество постојано се дебатира и се следат политичките случувања и дека социјалните мрежи и портали се преплавени со такви вести, па неизбежно е да не формираш некаков став, но и воедно дека тоа не нè прави вклучени во политиката, сѐ додека со заедничка борба заедно директно не влијаеме врз промените.

Тој вели дека најголемиот дел од младите се вклучуваат во политиката поради свои лични интереси, за да добијат работно место или други бенефити. Според него, ги губиме потенцијалите и добро квалификуваните работници бидејќи најголема улога игра партијата, а не едукацијата и образованието. Тој додава дека вината е во самиот систем кој ги уништува идните генерации.

Давид Златанов е уште еден млад човек којшто е вклучен во политиката и заедно со негови пријатели ја формирал политичката организација „Црвена Младина“ која денес е неформална младинска организација на политичката партија Левица. Тој од неговите 16 години организирал средношколски протести за загадувањето и застарениот образовен систем. Моментално е студент на Правниот факултет „Јустинијан Први“ при УКИМ.

Со голем гнев и решителност се надева дека неговото политичко делување ќе донесе промена на политичката сцена и во целото општество, дека со заеднички сили ќе се сруши комфорниот живот на корумпираните политичари кои моментално го експлоатираат македонскиот народ и дека власта ќе се врати во рацете на обичниот работник.

‚‚Главната причина поради која се вклучив во политиката, пред сѐ е срушената надеж на луѓето во државата и воопшто животот во неа. Сведоци сме како секој ден младите ја напуштаат државата, како луѓе се осудени неправедно, како мафијата се шета слободно и сите ѝ се восхитуваат,  како децата ни се лечат по СМС, како луѓе се оставени на улица и милион други приказни кои ме натераа храбро и непоколебливо да застанам на страната на обесправените и слабите. Исто така, причина може да се нарече и идејата за средена држава која ќе им понуди достоинствен и нормален живот на граѓаните‘‘.

Давид Златанов

Тој се бори за промена на системот, да се изгради систем кој ќе одговара на потребите на народот. Според него, потребно е да имаме еколошко одржлив економски систем и квалитетен образовен систем кој ќе ја создаде генерацијата на промената, генерација која ќе го изгради новиот систем кој ќе се базира на социјалистички идеали.

Златанов додава дека триесет годишната клинтелистичка традиција која ја поставија најголемите политички партии ја уништија иднината на младите во нашата држава. Вели дека таа практика мора да се промени за да се создаде генерација која ќе ја изгради државата наново.

Саше Апостолов е активен член на општинскиот комитет на ВМРО-ДПМНE. Емпатијата и општествената одговорност биле меѓу најважните клучни фактори за Апостолов активно да почне да се занимава со политика. Токму неговата професија – дипломиран лекар по општа медицина му овозможува одблизу да се соочи со проблемите на народот.

Тој вели дека само активно  учество на младите луѓе на локално и регионално ниво е неопходно ако сакаме да изградиме подемократско и перспективно општество. Додава дека учеството во демократскиот живот во било која заедница е повеќе од гласање и излегување на избори.

‚‚Знаејќи дека промените сами по себе не доаѓаат,  одлучив  активно да стапам во политичкото делување со тоа што ќе бидам носител на советничка листа на претстојните локални избори во Општина Виница. Сведоци сме дека гласот и потребата на младиот човек се ставени на маргините, а токму тие треба да бидат движечка сила за едно правилно развивање на општеството. Единствен начин за остварување на идеите за промени е во политичкото дејствување, затоа што колку и да не сакаме да се занимаваме со политиката, таа е во секој аспект од нашето живеење“.

Саше Апостолов

Тој е за идеја оплеменета со енергија за нови политики што се надвор од досегашниот шаблон на дејствување, размислувања надвор од кутија кои ќе донесат прогресивност и визија, за иднината која сакаме да ја градиме, а пред сѐ да останеме свои на своето.

‚‚Предвесник за еволуција  на едно општество се младите, тие треба да ја преставуваат авангардата која ги носи промените. Недостатокот на напредок, ни зборува за апатијата која зема се поголем замав. Свесни сме дека иднината е во рацете на младите кои имаат потенцијал да бидат агенти на промена за демократијата и економијата, а истовремено тие се следната генерација на лидери, политичари, едукатори и работодавачи‘‘.

Тој завршува со тоа дека секоја индивидуа своето политичко дејствување го заснова на свое лично убедување, дали тоа е водено од алтруизам или пак е водено од можноста за остварување на одредена корист, е резултат на матрицата од која е произлезена самата личност.

Децата во сообраќајот – една од најранливите категории
Училиштата ќе ги одработат неработните 24 април и 8 мај