
Трајче Тушев е студент во Софија на Факултетот по хемија и фармација на насоката Нуклеарна хемија. Заедно со своите колеги тој ја посетил нуклеарна централа како дел од нивната практична работа во градот Козлодуј во Бугарија. Таму се наоѓа еден од ретките нуклеарни реактори ВВЕР – 1000, единствениот на Балканот, којшто служи за производство на струја. Посетата во градот и во претпријатието траело неколку дена, а ние ви го пренесуваме неговото искуство од таму.
Оваа посета е мојот животен патоказ. Искуство, задоволство, стручност, знаење и можности се дел од она што го доживеав со посетата на нуклеарната електроцентрала. Научивме многу општо за нуклеарната централа со реактор тип ВВЕР-1000, карактеристичен за земјите од бивш СССР и за тоа дека работата со радиоактивност е многу сериозна и треба посебно внимание, вештини и знаење за да успееш, вели Тушев.
Тој е еден од малкумината студенти кои имале можност да остварат пракса и посета во нуклеарна централа. Приемот на студентите таму го овозможил неговиот универзитет од Софија, поточно неговиот Факултет по хемија и фармација.
Организацијата беше на највисоко ниво, со точно определени цели на посетата. Нуклеарната централа со задоволство не прими и ни ги обезбеди сите потребни средства и услови за престој на тие пет дена во градот Козлодуј каде што се наоѓа истоимената нуклеарна централа. Во тие денови се запознавме со функцијата на централата и придобивките што ги добива општеството и државата од неа. Се запознавме со тоа како изгледа еден нуклеарен реактор, турбини и парагенератори за производство на струја, симулација за раководење на реактор од оперативната соба, мерење на радиоактивност, селектирање на радиоактивен отпад и негово уништување и се запознавме со неколку нови методи за заштита од радиоактивното зрачење. Беше навистина прекрасно и сме благодарни што за толку краток период научивме и добивме преголемо искуство за тоа што навистина претставува нашата струка – нуклеарна хемија,
Трајче изрази јасен интерес за спроведување на стаж во оваа државно претпријатие за поддршка како иден специјалист во областа на нуклеарната енергија.
„Присуството тука ја подигна мојата амбиција и желба за професионален развој како странски студент со привилегија да бидам еден од ретките луѓе што го посетиле ова место. Иако посетата траеше само пет дена, сите вработени беа ангажирани и љубезни со нас и секој момент беше одлично искуство и остави желба повторно да се посети”, вели Трајче.
Иако Македонија нема нуклеарна централа, сепак Трајче се одлучил да студира во Софија поради тоа што имал голема желба токму за оваа професија.