ПO КАТЕГОРИИ
НАЈВАЖНО
ПО ИНТЕРЕС
ПО ФАКУЛТЕТИ
16.10.2023
16 години од загинувањето на Тоше Проески
Автор: Goce Author

Денеска навршуваат 16 години од загинувањето на Тоше Проески, најголемата музичка звезда во Македонија и на Балканот. Пред 16 години, на 16 октомври 2007 година Тоше го загуби животот во сообраќајната несреќа што се случи кај Нова Градишка, Хрватска.

Една од традициите за сеќавање на Тоше е маратонот кој маратонците од Нова Градишка го трчаат до Крушево. Тие денеска треба да стигнат во родното место на Тоше.

Маратонците своето трчање го почнаа во Нова Градишка. На пладне ќе пристигнат и ќе се поклонат пред неговото вечно почивалиште на Гумење во Крушево. Низ улиците до Гумење, крушевчани ќе ги пречекаат со црвени рози. Тоа е традиција што ја воспоставија учениците од средното крушевско училиште „Наум Наумоски – Борче“.

Спомен-куќата на Тоше на Гумење ги пречекува бројните посетители и фанови кои и годинава ги има од сите краишта.

–16 октомври е ден кој носи многу тага, солзи и неверување за сите кои го познававме, го сакавме и се уште го почитуваме. Во Спомен-куќата ќе биде претставена Изложба на музејски предмети, со објаснување со Брајовото писмо. На овој начин на денот кога пред суровата реалност затвораме очи пред фактот дека Тоше го нема, заедно со слепите лица ќе имаме можност да ги допреме, тактилно, неговиот лик, неговиот манастир, неговите гитари и многу други музејски предмети, дел од поставката во Спомен-куќата, вели директорката на Спомен-куќата „Тодор Проески“, Лефкија Гажоска.

20 години Тоше Проески амбасадор на УНЕСКО – одбележување во Штип

Тоше започна на „Златно Славејче“, заврши со постхумниот „The Hardest Thing“

Животот на Тоше заврши во годината кога одбележуваше десет години успешна кариера и кога таа почна да станува меѓународна. Албумот „The Hardest Thing“ на англиски јазик што го подготовуваше беше постхумно промовиран.

Тодор Проески е роден на 25 јануари 1981 и својот музички талент го покажал уште како петтоодделенец на фестивалот „Златно славејче” (1992) каде испеал песна на влашки јазик.

Музичката кариера ја почна со победата на „Мелфест” во Прилеп, во 1997 година. Оттогаш настапуваше на сите значајни фестивали во земјава и регионот. Во 2004 ја претставуваше Република Македонија на Евровизија во Истанбул. Таа година стана и амбасадор на УНИЦЕФ.

Објави седум албуми – неколку и во превод на српски/хрватски јазик. Последниот – „Игри без граници” беше промовиран две недели пред несреќата.  Последниот концерт, кој беше хуманитарен и за подобрување на условите во образованието во Македонија, го одржа на Градскиот стадион на 5 октомври 2007 година.

Тоше неискористен потенцијал за промоција на Македонија

Имал блиска соработка со Џеф Бек, Григор Копров, Жељко Јоксимовиќ, Леонтина Вукомановиќ, Марина Туцаковиќ, Бора Ѓорѓевиќ, Миро Буљан, Антонија Шола, Тони Цетински, Ања Рупел и голем број на други влијателни балкански и светски музичари и композитори.

Паметните телефони ризик – кои се најчести?
Генерацијата Z ги тера миленијалците во пензија