
Со Фејсбук пред две децении започна подемот на социјалните медиуми. Почетниот ентузијазам му отстапи место на отрезнувањето. А критиките за практиките на концерните растат. Фејсбук полни 20 години. Тоа е најголемата социјална мрежа во светот. Повеќе од три милијарди луѓе се активни на својот Фејсбук-профил барем еднаш месечно.

Фејсбук започна толку безопасно. Во раните денови на дигиталната револуција, кога интернетот ветуваше транспарентност и учество. Додека традиционалните медиуми функционираа според моделот „еден комуницира со многумина“, оваа нова комуникација на „сите со сите“ изгледаше како да ќе донесе повеќе слобода, учество и демократија. Фејсбук беше популарна социјална мрежа, каде што брзо може да се најдат истомисленици, да се споделат фотографии од одморот и да се остане во тек со она што го прават пријателите.
„На почетокот, Фејсбук имаше прилично несебична слика за себе: тие се надеваа дека поврзувањето на луѓето ќе го направи светот подобро место“, се сеќава на почетоците на Фејсбук берлинскиот медиумски истражувач Мартин Емер.
Вмрежување со далекусежни последици. На пример, пресвртите за време на Арапската пролет во 2011 година, со кои на почетокот се врзуваа големи надежи. Тие понекогаш беа нарекувани „Фејсбук револуции“ поради улогата на мрежата во организирање на демонстрациите и отпорот. Фејсбук, особено во тандем со брзиот развој на смартфоните, понуди задоволување на највисокото технолошко ниво на една прастара човечка потреба: „Луѓето се општествени суштества“, објаснува Емер. „И овие платформи постигнаа нешто што не можеше ниеден друг медиум досега: ни овозможуваат да се поврземе со други луѓе на многу различни нивоа, да се вмрежуваме според различни типови на пријатели, да учествуваме во животите на другите“.
Текстот е изработен од страна на средношколци практиканти од СОУ Коле Нехтенин – Штип, како дел од соработка меѓу ГОЦЕ.МК и средните училишта.
Автори: Антониа Симјоновска и Меланија Панева