ПO КАТЕГОРИИ
НАЈВАЖНО
ПО ИНТЕРЕС
ПО ФАКУЛТЕТИ
24.10.2021
Ако одите во Јапонија, покријте ги тетоважите! Што се` е непристојно во земјата на изгрејсонцето?

Јапонија е специфична земја, и не само што е одлично организирана, туку и луѓето почитуваат многу принципи и правила, кои се невообичаени и непознати за многу други држави. Затоа, ако некогаш патувате и престојувате во земјата на изгрејсонцето, треба да знаете кои нешта, кои кај нас се вообичаени, таму се табу и се сметаат за крајно непристојни.

 

-Никако не покажувајте со рака на нешто во јавност и намалете го гласот. Покажувањето кон луѓе или нешта во Јапонија се смета за непристојно. Наместо со прст да покажат кон нешто, Јапонците со раката нежно мавтаат во правец на она што сакаат да покажат. Кога мислат на себе, Јапонците со показалецот ќе го допираат носот наместо да покажуваат кон себе. Слични се манирите и кога станува збор за вербалната комуникација – нежно, одмерено и дискретно. Подигање на гласот е големо табу.

-Ако користите стапчиња за јадење, ова мора да го знаете. Јапонците ќе бидат импресионирани ако користите стапчиња за време на ручекот, но никогаш не ги ставајте вертикално во чинија со ориз – тоа кај нив потсетува на погребен ритуал. Ако веќе морате да ги оставите, тогаш користете го држачот покрај чинијата. Избегнувајте да ги користите стапчињата за додавање храна на другите, затоа што ова е уште едно големо табу. Не ги трлајте стапчињата едно од друго, и тоа е непристојно.

-Тетоважите во Јапонија се`уште се табу, иако во многу западни земји се повеќе правило, отколку исклучок. Во Јапонија тетоважите се`уште се неприфатени, бидејќи во историјата наназад се поврзувани со криминалот. Во секој случај, ако имате видливи тетоважи, треба да очекувате да ви биде забранет традиционалниот јапонски онсен (сауна). Тетоважите исто така треба да ги „сокриете“ и кога ќе одите на базен или во теретана.

-Не оставајте бакшиш во ресторан. За разлика од остатокот на светот каде бакшишот е пожелен, дури и речиси задолжителен, Јапонија нема култура на давање бакшиш, дури таквиот чин може да се смета како навредлив. Услугата е вклучена во сметката во рестораните, а дури ни таксистите не ја заокружуваат цената. Ако оставите неколку банкноти на масата, келнерот сигурно ќе тргне по вас да ви ги врати.

-Избегнувајте зборување на телефон додека сте во јавен превоз. Јапонците имаат навика своите мобилни телефони да ги користат дискретно, а разговорите ги сведуваат на две-три реченици кои ги изговараат тивко. Додека патуваат со јавен превоз, многу луѓе се зафатени со телефонот за допишување, слушање музика или читање, но повиците се многу ретки.

-Кога одите во нечиј дом, собујте ги чевлите! Истото важи и за храмовите, училиштата и некои ресторани. Јапонците сметаат дека чевлите се нечисти и најчесто нудат папучи кои ќе ги носите. Поедини ресторани во кои се јаде на простирка на подот, исто така имаат правило на собување, но не нудат папучи – освен кога одите во тоалет, таму ве чекаат папучи.

-Во када не се влегува без претходно туширање. Поголем дел од јапонските куќи имаат кади кои веќе се полни со загреана вода. Тие се резервирани за опуштање, а не за миење. Традиционалната јапонска када се нарекува фуро и е во облик на квадрат, и е помала, но подлабока од класичните западни кади. Пред да влезете во када, треба темелно да се истуширате со туш кој вообичаено е блиску до кадата. Ако посетувате јавна бања или онсен (сауна), исто така важи правилото „прво туширање“, па влегување. За онсен (сауна), важат други правила – не се дозволени костими за капење, косата треба да е врзана за да не заврши во водата, никогаш не треба да дозволите крпата да ја допре водата и не пливајте во онсенот.

-Во Јапонија никогаш не се оди „преку ред“. Јапонија е неверојатно организирана држава. Ако има линија за чекање на ред, морате да ја почитувате. Кога чекате воз, мора да застанете во ред. Возот ќе застане точно пред вас, ќе ја отвори вратата и ќе може да влезете без туркање.

-Избегнувајте брза храна. Во Јапонија луѓето воглавно не јадат или пијат во движење, на улица. Брзата храна која се продава на улични штандови се јаде стоејќи, на за таа намена одредени места (често означени со линија). Пијалоците купени од бројните автомати достапни на јавните места исто така се конзумира веднаш, а конзервата или шишето се фрлаат во канта за рециклирање која е поставена до автоматот. Слично, јадење или пиење во јавен превоз се смета за многу непристојно, а исклучок се прави само во возовите кои сообраќаат на долги релации.

Photo by Redd on Unsplash

-Никогаш не го чистете носот во јавност. Јавно дување на носот во Јапонија се смета за крајно непристојно и лошо однесување. Најдете тоалет или некое други скриено, приватно место. Во Јапонија и пред пандемијата беше вообичаени да се видат луѓе кои носат маски за лице , посебно во зима. Тоа значи дека се настинати и  не сакаат да ја шират настинката.

Паметните телефони ризик – кои се најчести?
Генерацијата Z ги тера миленијалците во пензија