
Стрелките на симболичниот часовник кои одбројуваат колку сме далеку од „крајот на светот“ научниците ги поместија 10 секунди нанапред, на 90 секунди до полноќ, што претставува најблиску до потенцијална апокалипса од создавањето на овој часовник во 1947-та година на почетокот на „Студената војна“.
Симболичниот часовник е создаден од научниците кои го формирале списанието „Bulletin of the Atomic Scientists“. Научното списание е основано на Универзитетот во Чикаго од група научници кои помогнале во развој на првите атомски оружја. Денеска, групата вклучува физичари и еколози од целиот свет, кои одлучуваат дали е потребно да се промени изгледот на часовникот во консултација со нобеловци.

Научниците секоја година го менуваат часовникот во зависност од егзистенцијалните закани по човештвото, а полноќ означува крај на светот каков што го познаваме.
Одлуката ја носи одборот, во кој се вклучени 13 нобеловци. Овогодишното соопштение покрај на англиски, беше објавено и на руски и украински јазик.
Рејчел Бронсон, претседател и извршен директор на списанието, во изјавата рече дека одлуката за поместување на часовникот поблиску до полноќ не била донесена лесно. Научниците велат дека оваа година часовникот најмногу бил поместен поради војната во Украина. Меѓу другите закани кои оваа година ги посочија експертите се и климатските промени, биолошките закани и опасните технологии.
„Живееме во време на опасност без преседан, а времето на Судниот ден ја одразува таа реалност. Владата на САД, нејзините сојузници во НАТО и Украина имаат мноштво канали за дијалог, ги повикуваме лидерите да ги истражат сите до нивната целосна способност да го вратат часовникот назад“ рече д-р Бронсон.
Во 2020 година стрелките на часовникот беа поместени на 100 секунди до полноќ, а изминатите две години, во 2021 и 2022, стрелките останаа на иста позиција.
Досега во историјата часовникот бил најдалеку од полноќ на крајот на Студената војна, кога научниците го ставиле на 17 минути до полноќ.
Одборот за наука и безбедност на списанието се состанува двапати годишно за да разговара за тековните настани и да утврди дали часовникот треба да се ресетира. Одборот вклучува неколку научници и експерти за нуклеарна технологија и климатски науки. За да се одлучи за времето на часовникот, одборот ги разгледуваат податоците, како што се бројот на нуклеарно оружје во светот, количината на јаглерод диоксид во атмосферата, киселоста на океаните и стапката со која се зголемува нивото на морето.