
57 годишната пејачка Хана Хорка од Чешка починала, откако намерно се изложила на вирусот Корона за да стекне имунитет.
Синот на чешката пејачка за Би-Би-Си изјави дека неговата мајка не се вакцинирала, туку дека сака да изгради имунитет и да си го олесни животот затоа што ќе добие потврда за ковид за влез на многу места.

Фото: Diario as
Хана Хорка (57) не била вакцинирана и на социјалните мрежи објавила дека закрепнува по позитивен тест, но починала два дена подоцна.
Нејзиниот син, Јан Рек, рече дека таа намерно била заразена кога тој и неговиот татко го имале вирусот, за да може да добие пропусница за влез на одредени места врз основа на прележана зараза.
Рек и неговиот татко, кои примиле две дози од вакцината, се заразиле со Ковид за време на католичкиот Божиќ.
Но, тој рече дека неговата мајка одлучила да не се држи настрана од нив, туку да биде изложена на вирусот.
„Требаше да биде изолирана една недела бидејќи бевме позитивни. Но, таа беше со нас цело време“, рече тој.
Сертификати за вакцинација или неодамнешна вирусна инфекција во Чешката Република се потребни за да се влезе во многу места, вклучувајќи концертни сали, кина, кафулиња и ресторани.
Два дена пред да почине, таа на социјалните мрежи напиша дека се опоравува: „Сега ќе има концерти, сауни, театри“.
Во неделата наутро, денот кога починала, Хорка рекла дека се чувствува подобро и се облекла за прошетка.
Но, тогаш почувствувала болка во грбот, па отишла да легне во спалната соба.

Фото: BBC
„За околу 10 минути се беше готово“, изјавил нејзиниот син. „Таа се задуши.
Иако не била вакцинирана, Јан Рек нагласи дека неговата мајка не била поддржувач на некои бизарни теории на заговор за вакцините против Ковид.
„Таа беше повеќе наклонета кон идејата да се зарази со Ковид и на тој начин да стекне имунитет отколку да се вакцинира. Не дека веруваше во теории дека сакале да не чипираат и слично“, рече тој.
Синот на пејачката вели дека се надева оти раскажувајќи ја оваа приказна со тажен исход, ќе може да ги убеди другите да се вакцинираат.
„Ако имате пример од реалниот живот, тогаш тој е помоќен од графиконите и бројките. Не можете навистина да сочувствувате со бројките“.
Владата неодамна воведе нови мерки за спречување на ширењето на инфекцијата, како што се задолжително тестирање за вработените и учениците.
Периодот на изолација за лицата кои се позитивни, но немаат симптоми е намален од 14 дена на пет.
Претходно, илјадници луѓе демонстрираа во Прага и други градови против можното воведување задолжителна вакцинација за некои категории на граѓани.
Околу 63% од вкупното население на Чешка е целосно вакцинирано, во споредба со просечните 69% низ Европската унија.