ПO КАТЕГОРИИ
НАЈВАЖНО
ПО ИНТЕРЕС
ПО ФАКУЛТЕТИ
10.09.2025
Д-р. Дијана Милошева: „Мит е дека не треба да се зборува за самоубиството“

Самоубиството не е тема за тишина. Иако со децении било обвиено со стигма и митови, бројките и човечките приказни велат дека токму молкот може да биде најопасниот фактор. Светскиот ден за превенција на самоубиство – 10 септември – нè потсетува дека оваа тема бара отворен разговор, емпатија и конкретни решенија.
По тој повод разговараме со д-р Дијана Милошева, доктор на медицина, специјализантка по психијатрија и когнитивно-бихејвиорална терапевтка во едукација, која ги руши митовите и ја менува приказната за самоубиството.

Д-р Дијана Милошева

Што значи  10-ти септември и Светскиот ден за превенција на самоубиство и зошто е важен овој датум?
-“Со оглед на забрзаниот пораст на стапката на менталните болести на глобално ниво во последните годинии, и сѐ повеќе зголемената потреба од превенција и заштита на менталното здравје, од друга страна, се среќаваме можеби со најпредизвикувачкиот ден за превенција на самоубиства 10 септември. Светската здравствена организација (СЗО) проценува дека повеќе 800 000 луѓе годишно го губат животот поради самоубиства, односно една личност на секои 40 секунди.

Од почетокот на одбележувањето на овој важен датум од 10.09. 2003 година, на иницијатива на Меѓународното здружение за превенција на самоубиства (engl. International Association for Suicide Prevention – IASP) и во соработка со Светската здравствена организација (СЗО) целтта е подигање на свесноста за потребата и обврските за превенција на самоубиствата на глобално ниво. Самоубиството како глобален феномен бара брз и глобално јавно здравствен одговор. Цел на ова интервју и одбележувањето на овој ден е да се фокусираме на проблематиката на самоубиството, да ја намалиме стигмата и да ја зголемиме свесноста на јавноста, испраќајќи единствена порака како самоубиствата можат да се спречат и превенираат.”

Самоубиство не е тема за тишина

Што се подразбира под самоубиство и самоубиствено однесување?
–
“Самоубиството (суицидот) е чин на намерно одземање на сопствениот живот. За жал, постои широка палета на поими поврзани со самоубиство (суицид):

  • Суицидални мисли-размислување за суицидот или смртта.
  • Суицидални идеации – активни (идеи за методата, постоење на план и намера).
  • Суицидални идеации – пасивни (желба за смрт без преземање на акција).
  • Суицидална намера – правење план како да се убие и намерата тој план да се изврши.
  • Однесувања поврзани со суицидот кои не резултирале со обид (собирање на таблети или врзување на јаже итн.) .
  • Суицид – ситуации во кои личноста има намера да си го одзеде животот и како резултат на тоа да умре.

Обиди за суицид (прасуицид – неуспешни обиди и парасуицид без вистинска одлука да се умре).
Несуицидално самоповредување – посекотини, убодување и сл. без намера за прекинување на животот (олеснување од стрес, здобивање на внимание, самоказнување и сл.).
Припремни активности наспроти непосредното суицидално однесување- суицидалните активности се припремени, но спречени самоиницијативно или од други.”

77% од самоубиствата се случуваат во неразвиените и земјите во развој – во Македонија не функционира линијата за помош

10 септември е светски ден за превенција од самоубиство

Кои се најчестите научни објаснувања зошто млада личност би сакала да си го одземе животот, кога самата младост е симбол за живот?
-“Во научната литература и клиничка пракса се присутни разни етиолошки објаснувања и теории: биолошки, молекуларни и генетички, истражувања за норадренергички систем во суицидалното однесување;психоаналитички, когнититивни, модели на дијатеза-стрес. Моделот на дијатеза-стрес упатува на тоа дека самоубиството се појавува кај предиспонираната (вулнерабилна) личност на која делуваат јаки стресори. Предиспозицијата може да биде биолошка (генетска, биохемиска, невродегенеративна), психолошка (црти на личноста, коморбидитет со психијатриски растројства) или социјални (социоекономски статус, осаменост, раселени лица, прогонство). Стресорите се бројни фактори од биолошка, психолошка или социјална природа.”

Дали постои разлика помеѓу мотивацијата за самоубиство на адолесцентите и возрасните личности?
-“Според научните истражувања и клиничкото искуство постојат некои специфики. Адолесцентите се поимпулсивни; обидите вклучуваат повеќе лутина, ризикување и конзумирање на психоактивни супстанци;почесто се под влијание на романтичните, мистични и идеалистични фактори; се забележани повеќе нефатални обиди; пониска самопочит; повеќе се под влијание на интерперсоналните односи.”

Какво би било објаснувањето од аспект на Когнитивно-бихејвиоралната терапија, со оглед на тоа дека Вие покрај специјализацијата во областа на Психијатрија, исто така се усовршувате и специјализирате во КБТ терапија?
-“Еден од основните постулати на когнитивно бихејвиоралниот модел на објаснување на суицидите, од кој и јас тргнувам, како КБТ ориентиран иден психотерапевт, е дека штом когнициите се поврзани со емоциите и водат кон акција, тогаш подоброто концептуално разбирање на суицидалните идеи може да понуди расветлување на тоа како индивидуата ќе постапи (или нема) според овие идеи.
Скринингот на клинички релевантните ризик фактори за суицид и идентификувањето на специфичните разлики помеѓу пасивните и активните суицидални идеи им овозможуваат на клиничарите да идентификуваат група индивидуи под ризик за суицид, да понудат превенција и соодветен ефикасен третман.

Науката има разни теории и објаснувања за поривот за самоубиство

Активните суицидални идеи можат да се дефинираат како секоја мисла за самоповредување или планови за одземање на сопствениот живот. Клиничарите многу често гледаат на активните суицидални идеи како на клинички релевантни фактори на ризик за суицид. Постојат емпириски наоди кои се во прилог на тоа дека пасивните суицидални идеи, или „желбата да се умре“ е исто така важен фактор кој треба да се земе предвид при проценка на ризик за суицид . Пасивните суицидални идеи можат да се определат како емоционално обоени мисли, повеќе како желба, според кои животот не е вреден за живеење или дека за индивидуата е подобро да биде мртва. Една третина од индивидуите кои се со суицидални обиди во минатото имале пасивни суицидални идеи, но не и активни суицидални идеи или пак, план тоа да го изведат.”

Дали станува збор за изгубена желба за живот или за нешто друго?
-“Од сите облици на човечко патење, само мал број може да се спореди со болката која некои личности ги наведува да помислат на самоубиството како начин да ја олеснат таа болка. Во третманот со КБТ терапијата, личноста ќе научи дека да се остане жив не е само вежба на издржување, чкрипање со заби и прифаќање на сите видови на бескрајна емоционална болка и патење од ден за ден. Наместо тоа, со когнитивно-бихејвиораната терапија се намалува емоционалната болка, се учи нов начин на размислување, нови алтернативни решенија, се заменуваат маладаптивните емоционални, когнитивни и бихејвиорални обрасци со адаптивни.

TikTok ја турка содржината на самоповредување на тинејџерите?

Се учат методи и техники кои донесуваат почит за себе и својот живот, смисла на животот, и кои ќе помогнат животот да се направи попривлечна опција. Најтажната, но истовремено и најсликовита метафора како изгледа некоја личност да биде суицидна, ја прочитав во една книга на Елис и Њуман . Пациентот објаснил: „Тоа е како да сакам да бидам мртов, но не засекогаш!“ Оваа изјава ја содржи суштината на бурните, често контрадикторни, емоции кои луѓето ги доживуваат кога во нивниот ум се појавуваат мисли за автодеструкција. Кај младите, идејата за ослободување од грижа и јад навистина може да биде заводлива, но и лажна!”

Младите се соочуваат со многу ризични фактори за суицид

Кои се ризичните фактори поврзани со суицид, посебно кај младите луѓе?
-“Во литературата и клиничката пракса можат да се сретнат следните најчести ризични фактори поврзани со суицид, кои го зголемуваат ризикот :
Најчесто се делат на : психијатриски, психолошки, соматски, социоекономски и демографски. Психијатриските фактори се претходни суицидални обиди, суициди во семејството и постоење на ментални растројства. Психолошките фактори вклучуваат  чувство на безнадежност и чувство на безвредност и беспомошност. Значајни се уште и трауматските настани во детството, изостанок на емоционална и/или социјална поддршка, проблеми во пријателските, партнерските релации, дисфункционални семејства. Соматските фактори се значајни предиктори на суицидот. Општата лоша состојба, болен синдром, неподвижност, онеспособеност и хронични болести, посебно ако се здружени имаат најголемо влијание на развитокот на суицидалниот синдром. Од социоекономските и демографските фактори најчести се: осаменост, финансиски статус, сиромаштија, отсуство на социјална поддршка, партнерски статус, вработеност/невработеност, пол, раса, религија.”

Кои се знаци на суицидален ризик, посебно кај младите?
-“Најчести знаци на акутен суицидален ризик се кога личноста:

  • зборува за суицид (Подобро да не сум се родил; Ќе се убијам; Само сум на нечиј товар; Не гледам излез) ;
  • спомнува безнадежност, беспомошност и безвредност;
  • преокупираност со смрт;
  • губи интерес за нештата кои до тогаш ги сакал;
  • подготвува средства за да изврши суицид;
  • ненадејно повикува или посетува луѓе кои ги сака;
  • ги средува своите нешта;
  • ги раздава своите нешта на другите;
  • ненадејно изгледа помирна и посреќна, без видлива причина .

Самоубиствата можат да се спречат, при што  особено се важни системските  општествени решенија

Суицидалното однесување е многу комплексно и никогаш не е резултат на само еден фактор или настан. Меѓутоа, голем број на самоубиства настануваат импулсивно во кризни моменти предизвикани од животни стресови како што се финансиски проблеми, прекинување на врски, хронична болка, тешки болести. Исто така, личности кои имале искуство на тежок конфликт, кои преживеале катастрофи (војна, земјотрес), кои биле изложени на насилство, (вклучително и сајбер-насилство), злоставување или тешки лични загуби, како и оние кои имаат чувство на изолација, се посклони кон суицидално однесување. Стапките на самоубиства се почести кај вулнерабилните групи кои што се дискриминирани по било која основа, избеглици, мигранти, затвореници итн.”

Дали според Вас можат да се спречат самоубиствата  на младите и на кој начин?
-“Како и сите други важни, јавно здравствени проблеми, самоубиствата можат да се спречат, при што  особено се важни системските  општествени решенија. Што значи тоа од практичен аспект?  Значи, дека посебно е важна интерсекторската координација и соработка, која ги вклучува примарно секторите на здравство, образование и правосудство, но и другите сектори, како медиумите. Во превенцијата на самоубиството најважно е клучните интервенции да се втемелени на докази:

Kогнитивно-бихејвиорална терапија – ефикасен третман против депресија

  • јакнење на социјално-емотивните животни вештини кај младите (посебно адолесцентите и младите возрасни);
  • кроскурикуларно воведување на содржини во програмите на училиштата и на факултетите кои влијаат на зајакнување на резилиентноста, развивање на емоционалната интелигенција;
  • отварање на психолошки советувалишта;
  • дигитална писменост и едукација, која е всушност превенција во време на дигитализација во сите сфери;
  • рано идентификување и проценка на ризик од страна на стручњаци за ментално здравје, згрижување и пратење на сите личности кои се со суицидално однесување;
  • ограничување на пристапот на средства со кои може да се направи самоубиството (нпр. Да се ограничи пристапот кон огнено оружје, одредени лекови и сл.) ;
  • соработка со медиумите со цел одговорно известување .”

Да ја промениме приказната за самоубиството. Да почнеме да разговараме

Која е главната тема и порака оваа година на Светскиот ден на превенција на самоубиство?
-“Тема на Светскиот ден на превенција на самоубиства за трогодишниот период 2024 – 2026 година e „ Да ја промениме приказната за самоубиството“ (англ. Changing the Narrative on Suicide) со повик на  акцијата со слоганот „Да почнеме да разговараме“ (англ. Start the Conversation) бидејќи културата на тишина и стигмата  поврзана со самоубиствата, треба да ја промениме во култура на емпатична, отворена конверзација, психолошка сигурност, разбирање и поддршка.

Менувајќи го наративот за самоубиствата, треба да дадеме приоритет на превенцијата и менталното здравје, на олеснување на пристапот до адекватна здравствена грижа и како општество, секој во својот домен да им овозможиме поддршка на секој на кого му е потребна. Клучни подрачја на превенција на самоубиствата се однесуваат првенствено на намалување на стигмата, и на правовремено препознавање на ризикот и упатување на адекватна стручна заштита.

Мит и многу  погрешна теза, која доминирала во минатиот век е дека не треба да се зборува за суцидот, самоубиството, бидејќи така се наведува личноста да го направи тоа. Напротив, светскиот тренд во психијатријата е да се разговара на таа тема, да се поставуваат прашања, да се допре длабоко до личноста, за да можеме да им помогнеме. Само така личноста ќе знае дека не е сама, и дека покрај смртта има и друга светла опција, а тоа е подадена професионална и човечка рака, за да се надмине темнината во која се наоѓа.”

 

 

 

 

 

 

 

 

Паметните телефони ризик – кои се најчести?
Генерацијата Z ги тера миленијалците во пензија