
Шпанија отвора ново поглавје во својата миграциска политика и испраќа јасна порака до младите професионалци од земјите надвор од Европската Унија: “дојдете, побарајте работа и изградете кариера”. Од мај 2025 година, земјата ја продолжи важноста на таканаречената „Job Seeker Visa“ од три на 12 месеци, со цел да привлече квалификувани кадри и да одговори на недостигот од работна сила во одредени сектори.

Photo by Daniel Prado on Unsplash
За разлика од класичните работни визи, оваа програма им овозможува на државјани од земји кои не се членки на ЕУ да престојуваат во Шпанија до една година без претходно да имаат договор со работодавец. Во тој период тие можат да бараат работа, да одат на интервјуа и да воспоставуваат професионални контакти, а доколку добијат понуда за работа, можат да го променат својот статус во работна дозвола.
Веста предизвика голем интерес и на Балканот, особено меѓу младите кои размислуваат за кариера во странство. Но, експертите предупредуваат дека не станува збор за „отворена врата за сите“. Визата е првенствено насочена кон лица со високо образование и стручни квалификации, а кандидатите мора да докажат дека располагаат со доволно финансиски средства за престој во земјата додека бараат работа.
Промените доаѓаат во период кога шпанската економија бележи силен раст, а невработеноста е на најниско ниво во последните 18 години. Според податоците објавени од Reuters, Шпанија во 2025 година создала повеќе од 600.000 нови работни места, додека властите отворено признаваат дека миграцијата игра важна улога во пополнувањето на празнините на пазарот на труд.
Истовремено, шпанската влада спроведува пошироки реформи насочени кон привлекување странски таленти и олеснување на легалната миграција, што ја издвојува земјата од дел од европските држави кои во последните години воведуваат построги правила за доселување.
За младите од Македонија ова може да претставува нова можност за влез на европскиот пазар на труд. Сепак, пред да почнат да ги пакуваат куферите за Мадрид, Барселона или Валенсија, треба внимателно да ги проверат условите и критериумите за аплицирање. Едно е сигурно: Шпанија сè повеќе се позиционира како земја која сака да привлече нова генерација меѓународни професионалци.