ПO КАТЕГОРИИ
НАЈВАЖНО
ПО ИНТЕРЕС
ПО ФАКУЛТЕТИ
03.12.2021
Децата со попреченост имаат право на образование – како да им се обезбеди?

Душан Томшиќ, Советник за инклузивно образовани – МОН

На Меѓународниот ден на лицата со попреченост, goce.mk  одлучи да посвети простор на еден од важните аспекти во грижата за лицата со попреченост – како тие можат да го ост варат своето право на образование. Во неодамнешната анкета и дебата на оваа тема, беа слушнати различни мислење – од тие дека е потребна комплетна инклузија на децата со попреченост во образовниот систем,  до такви дека не е добро да се инсистира на комплетна инклузија. Денеска посветуваме простор на тоа што Министерството за образование и наука работи на овој план, коај е стратегијата за вклученост на децата со попреченост во образовниот систем.

Според Душан Томшиќ, Советник за инклузивен развој во МОН, Законот за Основно образование е донесен во 2018 година каде е поставена полната инклузија во редовниот образовен систем, а Донесена е и Концепцијата за инклузивно образование. Од тогаш досега направени се многу подзаконски измени, каде инклузијата треба да заживее во пракса.

Она што е констатирано како недостаток е потребата од обука на наставниот кадар, бидејќи за да имате инклузија треба да ги подготвите и наставниците и стручните служби, за една посеопфатна инклузија на сите деца, бидејќи Македонија е и потписник на Конвенцијата за заштита на правата на лицата со попреченост и Конвенцијата за заштита на правата на детето каде самите Конвенции укажуваат дека секое дете има право на образование најблиску до местото каде живее и има право на образование воопшто. Како такви, ние мора да вложуваме што повеќе средства и знаења за да го достигнеме овој ефект. Инклузијата не е само хартија, сепак се работи за вложување на многу повеќе финансиски средства, како и обука. Она што МОН досега го има преземено, можеме да кажеме дека оваа година се издвоени 59 милиони денари кои се наменети за вработување на 500 образовни асистенти. Тоа се 260 асистенти во Скопскиот, Кумановскиот и Липковскиот регион, и во Југоисточниот, Вардарскиот и Пелагонискиот регион се вработени уште 240 образовни асистенти, кои се вклучени во наставата. Сега важен процес е на подигнување на капацитетот и на наставниот кадар, да го прифати асистентот како стручна помош и поддршка во организација на наставата. Она што сакаме да го избегнеме е индивидуалната работа на еден образовен асистент со еден ученик, бидејќи така повторно ќе ни се случува сегрегација , и ни се случува онаа несакана пракса дека детето се одвојува од групата на деца. Сакаме да ги мотивираме наставниците заедно со образовните асистенти да работат во групи со децата и самите ученици да учат едни од други дека различностите не се страшни, туку дека едни од други можеме многу да научиме, а и самите деца со типичен развој можат да помогнат многу во развојот на децата со атипичен развој кои имаат некои потешкотии во учењето – вели Томшиќ

Целата тема сеопфатна инклузија доведе и до различни реакции, од кои карактеристични се оние кои доаѓаат од специјализираните училишта за ученици со попреченост. Од таму реакции дека ако се инсистира на комплетна инклузија, се доведува во прашање самото постоење и улога на тие училишта, но и дека инклузијата во некои случаи и не е најдобро решение ( со оглед на карактерот на попреченолста на дел од децата). Според МОН, нема причина за такво стравувања, бидејќи овие училишта е планирано да прераснат во ресурсни центри.

     -Воопшто нема опасност, дури тие училишта ќе имаат повеќе работа отколку сега. Тоа можеме да го видиме со примерот на Основните посебни училишта кои од оваа година почнаа да функционираат како ресурсни центри, кои добија свои региони, и целата идеја е тие да ја даваат поддршката на општинските основни училишта во редовната настава – значи да ги едуцираат наставниците, да ги координираат образовните асистенти. По таа логика, и средните училишта во иднина би требало да ги зголемат своите капацитети за обезбедување на услуги, и да обезбедуваат настава. Самиот закон вели дека дел на учениците кои имаат најкомплексни потреби, дел од таа настава, од таа модифицирана програма треба да се спроведува во овие ресурсни центри. Така да, опасноста од губење на територијата, работата, ја нема, тоа воопшто не е така, и мислам дека само нивната стручност и она што го учеле цел живот ќе дојде до израз , и ќе можат на што повеќе деца, во повеќе општини да им овозможиме преку нивната советодавна стручна поддршка да учат во редовните училишта, да не ги одвојуваме од нивните семејства, да ги праќаме на 100-200 километри оддалечени интернати, за да бидат таму сместени и да се враќаат само за викенди, туку идејата е децата да останат што повеќе со своите семејства, да учат во редовната настава. За оние со покомплексни потреби за настава, како што веќе реков дел од таа настава ќе  биде во овие специјализирани ресурсни центри, а исто така се отвараат и центри за поддршка во самите редовни училишта оние сегашни посебни паралелки ќе прераснат во центри за поддршка, кои сакаме да ги отвориме во што е можно поголем број училишта, бидејќи ако има дете кое следи редовна настава, а има потреба со него да се работи малку, за да се смири, да се обезбеди потребниот третман, тоа да може да се направи во рамките на самото училиште за да не биде одвојувано од средината каде што живее. Целиме кон тоа, имаме доста голем број на центри за поддршка, во рамки на некои проекти од ЕУ веќе инвестираме во голем број на училишта каде се отвараат тие соби за релаксација, сензорни соби, и мислам дека ако постигнеме во сите региони да имаме што повеќе Центри за поддршка , овие посебни училишта што утре ќе бидат Ресурсни центри ќе помагаат да го одржиме квалитетот на грижата и услугата која ќе се обезбеди во училиштата.

Во анкетата на goce.mk, дел од реакциите на родители и блиски на деца со попреченост беа дека многу често, децата не добиваат можност да се запишат во училиште во кое сакаат. Томшиќ за ова вели:

Секое лице би требало д се запише на училиште таму кај што сака и тоа го гарантира Законот. Не може училиште само да решава дали ќе се запише или не, има комисија која одлучува, Комисија за проценка која ако има некои тешкотии ученикот да влезе во редовната настава треба да добие соодветно мислење од таа комисија, не може самото училиште да одлучи дали тоа дете може да учи таму или не, и тоа е можам да кажам директна дискриминација, има Закон за заштита од дискриминација и родителот може да поведе и постапка. Секое дете треба да добие шанса да влезе онаму каде што сака, а доколку во текот на наставата се појават одредени недостатоци, стручната служба треба да го евидентира тоа, да пријави до Комисијата која прави проценка на функционалноста на ученикот и да видиме дали тоа дете може да продолжи во паралелката со соодветна поддршка дали од образовен асистент, дали од стручната служба во самото училиште, бидејќи треба да има инклузивни тимови на ниво на секое училиште. Во овој период воочивме дека инклузивните тимови во минатото не биле секаде постојани, се менувале секоја година со одлука на директорот, а ние инсистираме тоа да бидат тимови кои ќе бидат постојани минимум 3 до 5 години , за да можеме соодветно да инвестираме во тој кадар, кој понатаму ќе стане ресурс на тоа училиште и кој ќе треба да работи со наставниците кои имаат деца вклучени во наставата. Ова е процес, има уште непознавања, има одбивност на соработката помеѓу образовниот асистент и  наставникот, но мислам дека со текот на времето ќе видиме дека тоа не е ништо страшно и дека сепак е во интерес и на наставникот и на училиштето, пред се во интерес на детето е да биде заедно со своите врсници и соученици во редовната настава.

Учениците од понеделник на пролетен распуст, наставата ќе продолжи на 7 мај
Деновите од изборите учениците ќе ги одработат