
Оценувањето на тестовите од државната матура и обработката на податоците се во тек, а резултатите ќе бидат објавени до 11 јули. Испитот на зрелоста втора година по ред матурантите го полагаа во големи простории односно амфитеатри, холови и сали, за да биде процесот пообјективен. Сепак, како што информира директорката на Државниот испитен центар, Даниела Јовчевска Михајловска, биле откриени 60 ученици кои користеле мобилни телефони.

„Резултатите ќе бидат објавени најдоцна до 11 јули, односно, еден месец по полагањето на последниот екстерен испит. Следното полагање е во августовскиот испитен рок.
Во текот на јунското тестирање, околу 60 ученици беа откриени со мобилни телефони и беа отстранети од испитот. Нивните тестови се поништени, што значи, имаат единица. Истите, ако не се однесувале недолично кон тестаторот или набљудувачот ќе може да полагаат во август, во спротивно ќе добијат мерка забрана за полагање во август и ќе може да полагаат дури следната година”, вели директорката Јовчевска Михајловска за Мета.
На 6 јуни учениците полагаа англиски, германски, француски, италијански или руски јазик, како и математика (во зависност на тоа кој што одбрал), а вториот екстерен испит по мајчин јазик беше реализиран на 11 и на 12 јуни.
Оваа година полагањето на државната матура, државната стручна матура и државната уметничка матура, се реализира според новата концепција со изменети испитни програми за учениците од стручно и уметничко образование, а за гимназиското остануваат истите испитни програми.
Тестовите по предметите не беа исти за сите ученици како досега, туку оваа година за прв пат учениците полага согласно наставните програми за гимназиско, стручно и уметничко образование.
Нова стратегија за образование 2026–2032: Што навистина се менува за учениците и студентите?
Пред 3 години 3.100 ученици беа фатени како препишуваат на испитот по англиски јазик, односно тоа го утврдиле оценувачите во текот на процесот на оценување.
„Тие 3.100 ученици користеле плагијати од различни веб-страници, утврдени се преписи на есеите. Препишаните есеи им се бодувани со нула поени. Но, тестот не е составен само од есеј, имаа и прашања на заокружување и прашања со дополнување кои исто така се оценуваат. Оние кои не положиле, имаат право да полагаат повторно во август“, изјави тогашната директорка на ДИЦ Благица Павловска.
Државната матура останува услов за упис на факултет. Со положена државна стручна матура, учениците ќе може да се запишат на сродни стручни факултети, а со државна уметничка матура учениците ќе можат да продолжат исто така во сродни стручни студии.