
Дубаи го укина данокот на алкохол од 30 отсто и повеќе не наплаќа за лиценци за алкохол, кои се потребни за секој што има намера да пие алкохол.

Image by vwalakte on Freepik
Ова е само продолжување на трендот на релаксирање на законот откако Дубаи дозволи продажба на алкохол за време на Рамазан и одобри негова испорака до домашните адреси за време на пандемијата, пренесува Индекс.
Оваа законска измена веројатно е резултат на обидот на власта градот да го направи поатрактивен за странците, односно да го поттикне туризмот. Две фирми вклучени во дистрибуцијата на алкохол во Дубаи, Maritime and Mercantile International (MMI) и African & Eastern, тврдат дека укинувањето на данокот ќе влијае и на цените за потрошувачите.
„Овие неодамна ажурирани регулативи се клучни за продолжување на обезбедувањето безбедно и одговорно купување и консумирање алкохолни пијалоци во Дубаи и ОАЕ“, рече портпаролот на ММИ, Тајрон Рид. Се уште не е познато дали новите правни правила ќе бидат трајни, пишува Би-Би-Си.
Дубаи е познат како „забавна престолнина“ на Персискиот Залив, а има девет пати повеќе странци отколку локални жители. Дубаи историски успева да привлече многу туристи и богати странски работници, делумно поради неговата толеранција за полиберален начин на живот.
Сепак, сега се соочува со зголемена конкуренција од ривалите кои го развиваат својот угостителски и финансиски сектор. Немуслиманите во Дубаи мора да имаат најмалку 21 година за да можат да пијат алкохол, односно да имаат дозвола за алкохол во форма на пластична картичка издадена од полицијата. Баровите и ноќните клубови ретко бараат картички, но оние кои консумираат алкохол без една може да се соочат со парични казни или апсење.