
Јас сум Даница, а ова е мојот став:
Во Светото писмо стои дека „во почетокот беше Словото“, а кај нас, во Македонија, се чини дека на почетокот беше недоразбирањето на Словото.
Додека во Брисел деновиве се случуваше она што рационалниот свет, со својот бирократски и прагматичен речник, го нарече „Супер вторник“, ден во кој нашите соседи затвораа поглавја и отвораа нови кластери, ние во нашата затворена чаршија уште еднаш ја отворивме старата кутија со колективни паники….
И веднаш, како по дифолт, ќе се крене онаа наша дежурна, неука патриотска маса во кафеаните. Ќе почнат да трескаат со чашите по маса и да викаат: „Не го даваме јазикот!“ и „Вратете го името!“.

Слатко е тоа, јуначко, ама е страшно неписмено. Никој во тие бриселски поглавја не ни го чепка јазикот, ниту пак таму се преговара за идентитетот. Тоа се само сопките и евтините трикови на нашите соседи кои веќе си седат внатре, на топло, додека ние мрзнеме надвор.
Чудно е што додека ние „патриотски“ ги чуваме јазикот и името по социјалните мрежи, нашите деца со македонски јазик во устата и со туѓи пасоши во џебот си заминуваат од тука со карта во еден правец.
Знам дека фразава е можеби „излитена”, но, ние сме како пирејот на Петре М. Андреевски, ќе никнеме и ќе преживееме насекаде, ама работата е што почнавме да никнуваме и да фаќаме корени по туѓи дворови, затоа што нашиот сопствен двор го затрупавме со политички демагогии и евтин национализам.
А замислете што всушност пропуштаме додека си играме патриотизам на празен стомак. Додека за некој преговорите со ЕУ се само некои досадни хартии и папки што ги прелистуваат бирократите во Брисел, за младите луѓе во оваа држава, тие поглавја значат разлика помеѓу достоинствен живот и преживување. Значат трипати поголеми фондови од Еразмус+, грантови за стартапи за кои нема да ви треба партиска книшка за да ги добиете, и дипломи со кои ќе можете слободно да работите и да студирате каде и да посакате во Европа, со крената глава и со сопствениот пасош.
Тоа значи и онаа фамозна „Младинска гаранција“ која на секој млад човек до триесет години му гарантира работа, пракса или доедукација во рок од само четири месеци по дипломирањето. Кај нас, по дипломирањето ти гарантираат само депресија и чекање со години пред шалтерите на Агенцијата за вработување. Воопшто и да не зборувам за еколошките стандарди, дека преговорите значат чист воздух, здрава храна и уредна држава, а не оваа наша депонија во која се гушиме секоја зима додека дебатираме за историјата од деветнаесеттиот век.
Време е младите да престанат да бидат само публика во оваа лоша театарска претстава напишана од неспособни режисери.
Додека врсниците во Албанија, Црна Гора и Молдавија си ја градат европската иднина дома, нашите млади мора конечно да почнат да поставуваат непријатни прашања на оваа сцена, да прашаат кој ни го украде утрешниот ден.
Изборот е едноставен: или ќе се разбудиме и ќе побараме одговорност, или ќе продолжиме да бидеме пиреј кој некој друг ќе го коси по туѓите ливади.
Супер вторник помина, а ние сè уште си ги триеме очите во понеделничкиот мрак.