ПO КАТЕГОРИИ
НАЈВАЖНО
ПО ИНТЕРЕС
ПО ФАКУЛТЕТИ
04.09.2026
Истражување: Општото ниво на отвореност кај општините е во пад – Битола и Штип меѓу позитивните примери, Град Скопје и Тетово под просекот
Автор: Goce Author

Според најновата процена на доброто владеење во единиците на локалната самоуправа (ЕЛС) за 2026 година, спроведена преку Индексот на отвореност од страна на Фондацијата за интернет и општество „Метаморфозис“ во партнерство со Рурална коалиција, просечното ниво на отвореност на општините во Северна Македонија изнесува 39%. Овој резултат бележи благо намалување од еден процентен поен во споредба со претходната година, кога просекот изнесуваше 40%.

Истражувањето, кое ги опфаќа сите 80 општини и Градот Скопје, ги оценува перформансите на локалната власт преку четири главни начела: транспарентност, свесност, пристапност и интегритет.

Крива Паланка повторно лидер, најниски резултати за Лозово и Студеничани

Резултатите од истражувањето покажуваат значајни разлики меѓу општините, при што јазот помеѓу најдобро и најслабо рангираната општина изнесува дури 65 процентни поени. На врвот на ранг-листата се наоѓа Крива Паланка со 73% исполнетост на индикаторите, додека на самото дно се Студеничани и Лозово со по 8%.

Во однос на поголемите градски и урбани центри во државата, истражувањето покажува шаренолика слика:

  • Битола (67%) се наоѓа меѓу највисоко рангираните општини во земјава (во првите четири). Битола остварува високи резултати во областа пристапност (69%), интегритет (80%) и свесност (67%).

  • Штип (56%) исто така се наоѓа над националниот просек и е позициониран во првите десет најоворени единици на локалната самоуправа. Штип покажува солидни резултати особено во областа свесност (59%).

  • Прилеп (52%) се позиционира над границата од 50% исполнетост на индикаторите, покажувајќи добри перформанси во областа пристапност (56%).

  • Охрид (49%) се наоѓа веднаш под половината од исполнетоста, но сепак над националниот просек.

  • Куманово (48%) бележи резултат над просекот, со посебен успех во областа на интегритетот, каде што исполнува 86% од индикаторите.

  • Тетово (46%) се наоѓа во средината на ранг-листата, надминувајќи го просекот на Полошкиот Регион, кој инаку е најниско оценет.

  • Град Скопје (33%) се наоѓа под националниот просек. Притоа, кај скопските градски општини постои голема разлика: Карпош (64%) и Гази Баба (61%) се меѓу десетте најдобри во државата, Кисела Вода (49%) и Аеродром (43%) се околу средината, додека Ѓорче Петров (35%), Центар (40%), Бутел (42%), како и Чаир (18%) и Шуто Оризари (19%) бележат значително пониски резултати.

Ранг-листа на најдобрите и најслабо оценетите

Според истражувањето, најотворени општини во 2026 година се:

  1. Крива Паланка – 73%

  2. Берово – 69%

  3. Демир Хисар – 68%

  4. Кочани, Битола и Делчево – со по 67%

  5. Велес – 65%

  6. Карпош – 64%

  7. Гази Баба – 61%

  8. Кавадарци, Кичево и Гевгелија – со по 58%

Како најмалку транспарентни и отворени општини се издвојуваат:

  1. Студеничани и Лозово – по 8%

  2. Боговиње – 11%

  3. Сопиште – 13%

  4. Врапчиште – 14%

  5. Чучер Сандево – 16%

  6. Чаир – 18%

  7. Шуто Оризари – 19%

Податоците покажуваат дека само 15 од вкупно 81 единица на локалната самоуправа (18,5%) имаат резултат повисок од 50%, додека речиси половина од општините (46,9%) оствариле резултат под 40%.

Источниот регион со најдобри, Полошкиот со најниски резултати

Според податоците од истражувањето, Источниот Плански Регион остварува најдобар просечен резултат на национално ниво со 49,4% отвореност. По него следуваат Пелагонискиот (43,6%), Југоисточниот (41,8%), Вардарскиот (40%), Североисточниот (40%), Југозападниот (39%) и Скопскиот регион (32,9%). На последно место е Полошкиот Плански Регион со просечен резултат од 29,8%.

Во заклучокот од истражувањето се наведува дека големината на општината, бројот на жители или финансиските ресурси не се пресуден фактор за нивото на отвореност. Резултатите потврдуваат дека институционалната посветеност, воспоставените внатрешни процедури и проактивното објавување информации се клучните елементи кои го диктираат степенот на отвореност кај локалните власти.

Отворен повик за млади истражувачи: Награда од 1.000 евра за најдобар есеј
Национална младинска летна школа – повик за учество