ПO КАТЕГОРИИ
НАЈВАЖНО
ПО ИНТЕРЕС
ПО ФАКУЛТЕТИ
16.06.2026
ФИФА предупрдена за здравствени ризици за фудбалерите
Автор: Goce Author

Група водечки глобални научници ја предупредија ФИФА дека сегашните мерки за заштита од топлина на Светското првенство во 2026 година се „недоволни“ и би можеле да ги изложат играчите на сериозни здравствени ризици и повреди.

Во отворено писмо, меѓународните експерти за здравје, клима и спортски перформанси велат дека упатствата на светското фудбалско тело не се во согласност со најновите научни сознанија и „невозможно е да се оправдаат“.

Тие ја повикуваат ФИФА да воведе построги заштитни мерки, вклучувајќи подолги периоди на ладење и појасни протоколи за одложување или презакажување на натпреварите во екстремни временски услови.

Се очекува високите температури да претставуваат сериозен предизвик за време на летниот турнир во САД, Канада и Мексико, а истражувачите предупредуваат дека температурите би можеле да ги надминат безбедните граници на 14 од 16-те стадиони.

Во делови од јужните Соединети Држави и северниот дел на Мексико, просечните максимални дневни температури се околу 30 степени Целзиусови, а за време на топлотните бранови можат да достигнат 40 степени.

Кога ќе се земат предвид температурата, влажноста, брзината на ветерот и интензитетот на сончевото зрачење, играчите во овие градови домаќини се соочуваат со многу висок ризик од екстремен топлотен стрес.

ФИФА наведува дека е „посветена на заштитата на здравјето и безбедноста на играчите, судиите, навивачите, волонтерите и персоналот“ и дека климатските ризици се земаат предвид при планирањето на турнирот.

Кои се моменталните мерки на ФИФА

Како дел од својата „посветеност кон благосостојбата на играчите“, ФИФА воведе задолжителни паузи за освежување од три минути во секое полувреме од сите натпревари на турнирот, без оглед на временските услови.

На сите натпревари што се играат на стадиони на отворено, тренерскиот персонал и резервните играчи ќе имаат пристап до климатизирани клупи.

ФИФА, исто така, користи референтна мерка за проценка на топлинскиот стрес во спортот – Температурата на влажната глобула (WBGT), која ги зема предвид и топлината и влажноста.

Вредноста на WBGT од околу 28 степени се смета за праг над кој топлинскиот стрес станува сериозна закана за врвните спортисти.

Според прирачникот за итна медицинска помош на ФИФА, ако WBGT е блиску до, еднаква или повисока од 32 степени, организаторите на натпреварите треба да се согласат за „мерки на претпазливост за спречување на болести поврзани со топлина“.

ФИФА вели дека, исто така, планирала дополнителни мерки за навивачите кога прогнозите укажуваат на високи температури.

На гледачите ќе им биде дозволено да внесат фабрички затворено шише со вода, а на стадионите ќе се активираат дополнителни системи за ладење, вклучувајќи засенчени површини, системи за прскање, автобуси за ладење и проширена дистрибуција на вода.

Што бараат научниците?

Дваесетте експерти кои го потпишаа писмото доаѓаат од водечки универзитети и истражувачки институции во Велика Британија, САД, Канада, Австралија и Европа.

Тие бараат ФИФА итно да го преиспита својот пристап и да воведе:

– одложување или презакажување на натпреварите кога WBGT надминува 28 степени;

– подолги паузи за ладење од најмалку шест минути;

– подобрени системи за ладење на играчите;

– редовни ажурирања на упатствата во согласност со најновите научни сознанија.

Тие исто така ја повикуваат ФИФА да ги усвои стандардите предложени од синдикатот на професионални фудбалери FIFpro.

„Неодговорен став на ФИФА кон здравјето на играчите“

Директорот на Институтот за ново време, Ендру Симс, кој го координираше отвореното писмо, за BBC Sport изјави дека безбедноста на играчите е „итно и многу важно прашање“ бидејќи работите би можеле да тргнат многу наопаку многу брзо ако телото се прегрее.

„Се плашиме дека ФИФА дејствува неодговорно кога станува збор за здравјето и безбедноста на играчите“, рече Симс.

Еден од потписниците, професорот Даглас Каса од Универзитетот во Конектикат, рече дека многу од сегашните препораки се далеку од идеални.

„Паузата за хидратација во секое полувреме треба да трае подолго од три минути – најмалку пет, а идеално шест минути“, рече професорот Каса.

Екстремните временски услови би можеле да го одбележат Светското првенство во 2026 година.

Топлината, грмотевиците, па дури и лошиот квалитет на воздухот предизвикан од шумски пожари се типични за летниот период во Соединетите Американски Држави, Канада и Мексико, каде што ќе се одржи турнирот.

Новата анализа на организацијата World Weather Attribution (WWA) покажува дека играчите и навивачите ќе бидат изложени на значително поголем ризик од екстремна топлина и висока влажност за време на Светското првенство во 2026 година отколку за време на Светското првенство во 1994 година, кое исто така се одржа на северноамериканскиот континент.

Научниците проценуваат дека околу една четвртина од натпреварите би можеле да се играат со вредности на WBGT повисоки од 26 степени, додека околу пет натпревари би можеле да го надминат прагот од 28 степени WBGT (што одговара на температура од околу 38 степени во сува топлина или 30 степени во висока влажност), нивото што Fifpro го смета за опасно за играта.

WWA вели дека ризикот од уште поекстремни услови е речиси двојно зголемен од 1994 година, првенствено поради климатските промени.

Одговор на ФИФА

ФИФА одби директно да коментира за отвореното писмо и тврдењата на научниците, но рече дека ќе спроведе „повеќеслоен модел за ублажување на последиците од високите температури“ за време на турнирот, со мерки прилагодени на условите во реално време.

Џани Инфантино, птретседател на ФИФА

Портпаролот на ФИФА рече дека ќе има посебна метеоролошка поддршка во текот на целото натпреварување, и на централно ниво и во градовите домаќини, додека следењето на индексот WBGT и индексот на топлина ќе биде основа за донесување одлуки.

Додаде дека распоредот на натпреварите е направен земајќи ги предвид климатските услови, па затоа се прилагодени времињата на почеток на натпреварите, се вложени напори да се избегнат периодите со највисоки температури колку што е можно повеќе, а натпреварите за кои се очекува потопло време им се даде приоритет на затворените стадиони.

Според ФИФА, календарот на натпреварите е исто така дизајниран да ги намали патувањата на националните тимови и да го зголеми бројот на денови за одмор, врз основа на проценка на ризикот од топлина за секоја локација поединечно.

Светската фудбалска федерација соопшти дека ќе продолжи да ги следи временските услови во реално време и, доколку е потребно, ќе примени итни мерки, додавајќи дека соработува со локалните власти и медицинските експерти за да се осигури дека турнирот е „безбеден и отпорен“.

Светско првенство во фудбал – кој победи на трите отварања?
Дали Шпанија станува новата дестинација за младите од Балканот? Нова виза овозможува престој до една година без понуда за работа