ПO КАТЕГОРИИ
НАЈВАЖНО
ПО ИНТЕРЕС
ПО ФАКУЛТЕТИ
03.07.2022
Голготата на самостојните уметници во Македонија
Автор: Goce Author

Самостојните уметници не се доволно мотивирани да создаваат. Немаат олеснувања при издавање, печатење, набавка на материјали. Всушност, тие немаат никакви предности, туку напротив се ограничени.

Самостојните уметници се интересна општествена категорија, не се знае дали се уметници или бизнисмени, ни ваму ни таму, ни на небо ни на земја. Тие се уметници на кои државата им ги плаќа придонесите за да творат, но од друга страна бара од нив да бидат трговци-поединци и им наметнуваат бирократски процедури и дополнителни давачки кои не им се покриени.

Но, суштинскиот проблем е во тоа што тие се ограничени во својата дејност и на ниту еден начин не се мотивирани да творат. За разлика од домашните, странските уметници се многу повеќе вреднувани.

Извор: sdk.mk

Колку (и како) се вреднувани (самостојните) уметници во светот?

Како базична препорака за секој кој е заинтересиран за унапредување на статусот на (самостојните) уметници е „Рад у уметности“, зборник на Друштвото на ликовни уметници на Србија. Се работи за многу информативна и исцрпна анализа на состојбите, практиките, историјатот и перспективите на односот на европските држави кон уметниците.

Треба да учиме од поразвиените општества. Интересна е сведожбата на Ранко Дакиќ, уметник од Македонија кој заминал во Германија и станал член во Здружението на професионални уметници на Берлин (BBK). Потоа бил примен во Сенатот за култура со неговото портфолио каде му било порачано дека неговиот престој е збогатување за културата на градот Берлин. Тој се уште живее и твори во Германија, со платени придонеси и ателје.

Во Скандинавските земји постојат работни грантови и стипендии (особено за млади и постари уметници), бесповратни средства, откупувања на уметноста од државата, загарантиран приход или доживотни грантови за значајните уметници, пензии за уметниците… а во Данска 1% од цената на секој објект што се гради се инвестира во уметноста која ќе биде имплементирана во таа зграда.

Што можеме да научиме од ова? Или од скорешните вести дека Германија ги зголемува трошоците за култура за 7%, нагласувајќи ја врската меѓу уметностите и демократијата? Треба да научиме да ги негуваме уметниците, наместо да ги бркаме од дома, за што, меѓу другото зборува и неодамнешната сведожба на режисерот Милчо Манчевски.

Quo Vadis (самостоен) уметнику?

Видни домашни уметници, како фронтменот на култната група Суперхикс, Пеце Младеновски, смета дека уметниците не се вреднувани и дека улогата на уметноста во нашето општество не се разбира сериозно. Тоа мислење донекаде го делат и плодните домашни уметници како Живко Гроздановски и Ѓорѓе ЈовановиќЈане Чаловски, претседател на ЈАДРО и визуелен уметник, истакнува дека проблемот е во тоа што државата смета дека уметноста не е економски, политички и општествено релевантна и дека нема вистинска моќ во општеството. Таквиот став на државата не е само грешен, туку и погубен за целото општество.

Самостојните уметници во Македонија имаат платени придонеси од државата, но што значи тоа? Тоа значи дека државата им префрлува пари за здравствено, пензиско осигурување и персонален данок, кои тие потоа ги враќаат на државата. Тие немаат никаков дополнителен приход, но треба да се благодарни бидејќи имаат платени придонеси! Сепак, дали е така?

Во домашните медиуми самостојните уметници воопшто не се застапени, освен на почетокот на пандемијата кога се зборуваше повеќе за нивната состојба. За разлика од Македонија, оваа тема периодично се отвора и дискутира во просторите на поранешна Југославија, како и пошироко. Во странство постојат и здруженија кои се обидуваат да им го „олеснат животот“ на уметниците. Кај нас тоа го прави само Јадро, додека Министерството за култура и другите државни институции ги игнорираат.

Автор: Бранко Прља

(Текстот е напишан во рамките на Иницијативата за дигитално граѓанство ResPublica. Оригиналната објава можете да ја прочитате тукa.)

Текстовите на песните стануваат се побанални
Недела на Франкофонскиот филм од 15 до 22 март