
Организаторите на еден од четирите гренд слем тениски турнири, прославениот Вимблдон, се вклучија во осудата на руската агресија врз Украина.
Како што претходно беше најавено, руските и белоруските тенисери се исфрлени од натпреварувањето.
Официјалните лица на најголемиот тениски турнир на Вимблдон објавија забрана за учество на тенисерите од Русија и Белорусија на овогодинешниот турнир.
Соопштението е од официјалниот сајт на Вимблдон, а како што се наведува, меѓу тенисерите кои се исфрлени се: Данил Медведев, Андреј Рубљев, Аслан Карачев, Карен Хачанов, Роман Сафулин од Русија.
На Вимблдон нема да играат ниту Илија Ивашка, 44. тенисер во светот и Арина Сабаленка и Викторија Азаренка.
„Во име на клубот Ол Ингланд и Управниот одбор на првенството, би сакале да ја изразиме нашата континуирана поддршка на сите оние кои беа погодени од конфликтот во Украина во овие шокантни и вознемирувачки времиња.
Ние дејствуваме во универзална осуда на руските незаконски дејствија и внимателно ја разгледавме ситуацијата во контекст на нашите должности кон играчите, нашата заедница и пошироката јавност во Обединетото Кралство како британска спортска институција. Ги земавме предвид и упатствата поставени од Владата на Обединетото Кралство, особено во однос на спортските тела и настани.
Имајќи го предвид профилот на првенството во Обединетото Кралство и ширум светот, наша одговорност е да ја одиграме нашата улога во широките напори на владата, индустријата, спортот и креативните институции да го ограничат глобалното влијание на Русија на најсилен можен начин.
Во услови на таква невидена неоправдана воена агресија, би било неприфатливо рускиот режим да извлече каква било корист од вклучувањето на руски или белоруски играчи на турнирот. Затоа, наша намера е, со длабоко жалење, да ги одбиеме апликациите на руските и белоруските играчи за турнирот во 2022 година“, се вели во официјалното соопштение на Вимблдон.