
ЕУ ќе ги вклучи криптовалутите во пакетот санкции против Русија, со цел војната на Москва со Украина да биде што поскапа, изјави францускиот министер Бруно ле Мер.

Photo by Kanchanara on Unsplash
Тој на прес-конференција по состанокот на министрите за финансии на ЕУ рече дека санкциите против Русија се многу ефикасни и дека тие го дезорганизираат рускиот финансиски систем и ја парализираат способноста на руската централна банка да ја заштити рубљата, пренесува Ројтерс.
Министерот за надворешни работи на ЕУ, Јосеп Борељ вчера ја поздрави одлуката на БиХ, Северна Македонија, Црна Гора и Албанија да се приклучат кон финансиските санкции што ЕУ ги воведе на 23 февруари против Руската Федерација.
Шефот на дипломатијата на ЕУ додава дека овие мерки ги поддржале и членките на Европската економска зона, Исланд, Лихтенштајн и Норвешка, како и Украина.
Министерот за надворешни работи на Австрија Александар Шаленберг вчера најави можност за воведување четврти пакет санкции на ЕУ против Русија, а во него сигурно ќе бидат вклучени и криптовалути.
Претходно санкциите кон Русија од финансиски аспект веќе вклучија блокирање на Swift дознаките, но и блокирање на работењето со Visa и Master card картичките. Русија пак самата на своите граѓани веќе им забрани изнесување на финансиски средства од државата. Во обид да го спречи масовниот тренд на граѓаните да ги земнуваат рубљите во странски валути поради страв од губење на нејзината вредност како резултат на инвазијата на Украина, руската Централна банка воведе провизија од 30 отсто при купување на странски валути, пренесува Ројтерс. Многу големи светски компании кои имаа бизниси и вложувања во Русија, се повлекоа од тој пазар.
Како што рече министерот Шаленберг по седницата на Владата, Австрија заедно со ЕУ работи на вклучување на САД на четвртиот пакет санкции против Русија.
Главната цел на овие санкции се олигарсите кои ја поддржуваат руската влада, додаде Шаленберг.
Американското Министерство за правда објави дека основа специјална единица која ќе помогне во спроведувањето на санкциите против руските владини функционери и олигарси, со посебна цел да ги заплени нивните јахти, авиони, недвижен имот и друг имот, објави Си-Ен-Ен.